Една петина од македонските граѓани во следните пет години се гледаат преселени надвор од Македонија. Процентот е многу поголем кај младите од 16-26 години каде високи 41,6 не се гледаат во земјава. Ова е мал дел од истражувањето за однесувањето на граѓаните и граѓанското учество во земјава направено од страна на Фондација Отворено општество – Македонија, во кое Реактор – Истражување во акција учествува како партнерска организација. Овие податоци покажуваат дека и во 2013 година се потврдува желбата за напуштање на земјата.
Младите влегуваат во онаа категорија граѓани кои не се активни во барањето општествени промени во својата средина, заедно со жените, необразованите и лицата со ниски приходи.
Во однос на граѓанското учество тие , во споредба со возрасните, како спротивставувачки механизми ја бираат активноста преку НВО-a и медиумите, додека повозрасните пак се одлучуваат за потрадиционални механизми за иницирање промени во средината, преку комуникација со советниците и градоначалниците.
Сепак, само еден од пет граѓани учествувале во граѓанска иницијатива, што е благ раст оваа година во споредба со минатата, посочува Неда Коруновска од Реактор – Истражување во акција.
Таа забележува и дека неактивноста на младите е загрижувачка бидејќи како што вели, младите иако поддржуваат глобални акции и протести, се повлекуваат кога треба да учествуваат во традиционалниот систем и во гласањето.
Младите кои сега се неактивни, истото однесување ќе го имаат и кога ќе бидат возрасни, забележува Коруновска.
Истражувањето покажува дека песимизмот е голем, а над 70% од испитаниците сметаат дека и со активно учество, многу млаку влијаат дека можат да променат нешто на локално ниво.
Сепак и покрај тоа, на тројца од четворица испитанци им е важно да влијаат врз одлуките во заедницата и да бидат вклучени во нивното носење. Поголем број од анкетираните исто така сметаат дека е нивна одговорност да влијаат врз подобрување на животот во средината.
Во однос на чувството на припадност и солидарност двајца од тројца граѓани сметаат дека му припаѓаат на своето маало, односно тројца од четворица на својата држава. Притоа над 80% од испитаниците се многу или делумно задоволни од местото каде што живеат.
Истажувањето е спроведено во текот на 2012 и 2013 година, врз репрезентативен примерок. Поделено е во четири сегменти : Граѓанско учество, Влијание врз одлуки, Волонтерство и Припадност.