Расте бројот на ХИВ позитивни пациенти, а се намалува буџетот за лекови и превенција

Во земјава секоја година со ХИВ заболуваат 46 лица, а 440 во моментов се на терапија. Овие пациенти се незадоволни поради непредвидување на минимум неопходните средства за лекување и за превенција во Програмата за заштита на населението од ХИВ- инфекција во буџетот за 2025 година.

Ова го истакна Андреј Сених oд здружението „Заедно посилни“, во името на 13 граѓански организации и Црвениот крст на Република Северна Македонија, како дел од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ. Тој испратил писмо адресирано до премиерот Христијан Мицкоски како и до министерот за здравство Арбен Тарвари, во кое се реагира за намалувањето на буџетот за 10 милиони денари во споредба со ланскиот буџет за оваа намена, пренесува новинската агенција Мета.

„Вчудовидени сме од начинот на кој се буџетираат средствата за обезбедување лекови, како и за ХИВ-превенција и тестирање, кои значат живот за стотици граѓани, без да воопшто да се земат предвид реалните потреби. Ваквиот начин на буџетирање во здравството и во јавното здравје го сметаме за неодговорна политика, која не доликува на сериозна земја. Нашата реакција се однесува на намалувањето, наместо неопходното зголемување, на буџетот на Програмата за ХИВ на 90 милиони денари за 2025 година, односно 10 милиони денари помалку од тековната година, што е нелогично со оглед на зголемувањето на бројот на пациенти на кои ќе им биде потребна терапија“, наведено е во писмото.

Како што пишува во него, буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018 година, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а сега истиот се предвидува да биде понизок во 2025 година, кога се очекува бројот на пациенти да надмине 500 лица.

„Засега предвидените 90 милиони денари ќе резултираат со целосно укинување на активностите за превенција и откривање на ХИВ и уништување на инфраструктурата за превенција, воспоставена со средства од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија во периодот од 2005 до 2017 година, под водство на Министерството за здравство“, предупредуваат во „Заедно посилни“.

Оттаму велат дека со намалениот буџет би се укинале услугите за скрининг и тестирање за ХИВ и стационарните услуги за ХИВ ширум државата, кои во 2023 ги искористиле 1.750 корисници (од кои 35% млади), од групите во ризик до кои не стигнуваат здравствените институции, потоа услугите за превенција на ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции, преку кои се опфаќаат околу 8.000 корисници од ранливи и маргинализирани групи граѓани, за значителен дел од кои овие услуги претставуваат единствен пристап до најосновна здравствена заштита.

Ќе се укине и мобилната гинеколошка амбуланта и два младински центри на Водно и во Шуто Оризари преку кои лани биле опфатени 1.650 лица со тестови за сексуално преносливи инфекции (сифилис, гонореа, хламидија и др.) и ПАП-тестови, и тоа жени од рурални средини, Ромки, лица со попреченост и други лица ранливи од ХИВ, од кои 31% млади до 24 години. Укинувањето на мерките за превенција и насочено тестирање директно ќе се одразат во зголемен број случаи на ХИВ уште на краток рок, но и на други сексуално преносливи инфекции кои успешно се дијагностицираат токму преку оваа Програма.