Законот за високо образование и проверка на работата на универзитетите приоритетни за новото тело за реформи во високото образование

Измени на Законот за високо образование, преиспитување на бројот и законитоста на универзитетите, ревидирање на студиските програми и проверка на знаењата на моменталниот професорски кадар на факултетите во земјава. Ова се дел од работите на кои во следниот период ќе се фокусира ново формираното Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот.

Националното координативно тело денес ја одржа својата прва седница. Со него раководи министерката за образование и наука Весна Јаневска, а членуваат триесетина независни професори избрани според одлука на Влада од националниот совет за образование и Интеруниверзитетската конференција од универзитетите. Има претставници на стопанската комора и на невладините организации, а како што рече министерката, ќе бидат вклучени и студентските здруженија.

„Прво, ќе спроведеме една акција на согледување на сегашната состојба, од што дел е изработено. Потоа во акцискиот план ќе продолжиме со најбитните и најзначајните промени кои треба да се направат за ова тело да може понатаму поефикасно да функционира и токму во овој момент кога пред да ја дадеме оваа изјава се договоривме дека еден од најважните моменти е Законот за високо образование на кој веднаш ќе почне да се работи“, истакна Јаневска.

Весна Јаневска / фото: Радио МОФ

На новинарско прашање за тоа дали ќе има промени во начинот на финансирање на студиите за да се намали бројот на млади кои се отселуваат поради студии, министерката рече дека задржувањето на студентите дома се прави со соодветни студиски програми кои би им понудиле соодветни и современи знаења, вештини и кометенции.

„Во однос на студирањата во странство, не одат затоа што – барем од моите информации – таму им е поевтино, секако не може да им биде поевтино, туку затоа што не се задоволни од квалитетот на образованието кое го добиваат или од студиските програми коишто универзитетите им ги нудат. Секако, може да разговараме и ќе разговараме и за облиците на студентски стандард од кои студентите би можеле да бидат позадоволни, од сместување, исхрана, па и некои други погодности кои тие ги бараат“, рече Јаневска.

Одговарајќи на друго прашање за стручниот кадар на факултетите, министерката рече дека недостатокот на подмладок на факултет е нешто за што јавноста знае, но и нешто што не може да се реши во кус период.

„Веќе како министерство побаравме од универзитетите да ни испратат допис за тоа што е најургентно, ние не сакаме да изгубиме катедри, да затвараме катедри и еден таков допис во однос на наставно – научните звања добивме. А, секако дека има и потреба од технички кадар. За решавање на проблемот со техничкиот кадар ќе бараме и поинакви решенија освен нови вработувања. Затоа што јавна тајна е дека во одредени институции во државата постои превработеност и можеби ќе можеме тука да избалансираме префрлања, прераспределувања“, посочи таа.

Кон ова се осврна и националната координаторка на телото, Солза Грчева која рече дека една од суштинските реформи на кои ќе работи телото е критериумот за напредување во наставно-научните звања.

„Ние имаме огромен број професори затоа и немаме подмладок на факултетите бидејќи целиот буџет се апсорбира кај овие повисоки звања на професори со сомнителни резултати затоа што се унапредиле со сомнителни резултати. Таквите професори ни оневозможуваат да ги развиеме програмите како Еразмус+. Бидејќи Еразмус+ не е еднонасочна улица во која нашите ќе се отселуваат ќе одат по разни универзитети, а кај нас нема да доаѓаат странски студенти, зошто? Затоа што имаме професори кои нудат застерни знаења, кои честопати и не знаат странски јазик и така натаму“, рече Грчева.

Прва конститутивна седница на Националното координативно тело за реформи во високото образование / фото: МОН

Таа нагласи дека Националното координативно тело ќе работи системски на долгогодишните напластени проблеми со кои се соочува образовниот систем.

„Како тоа се доведовме во ситуација да имаме најголем број на универзитети приватни и државни во една толку мала земја? Како се доведовме во ситуација да имаме најголем број на студиски програми, а студентите кои завршуваат факултет немаат оформено струка. Не можат да бидат примени, апсорбирани веднаш од стопанството. Како се доведовме до тоа да сите се запишуваат на така наречени академски студии, а универзитетите да не покажуваат интерес да отвараат таканаречени куси професионлани студии каде што нема потреба студентот и неговото семејство да трошат пари за петгодишни студии“, истакна Грчева и рече дека преку решавање на овие прашања ќе се постигне целта за квалитетно високо образование.

Националното координативно тело за реформи во високо образование беше формирано во јули оваа година по одлука на Владата. Телото ќе има обврска на секои шест месеци да доставува извештај за работата до Владата.

Ангела Бошкоска