Отворање на концептуалното дело „Хаос“ од Методи Ангелов во сабота во Центар – Јадро

Отворањето на концептуалното дело „Хаос“ на мултимедијалниот уметник Методи Ангелов – Мето ќе се случи на 9 ноември, сабота, со почеток во 19 часот во Културно социјалниот простор Центар – Јадро.

„Концептуалното дело ‘Хаос’ работи со идејата и искуството за хаосот како универзално и лично живеено противречно. Мултимедијалното разбирање на хаосот не цели кон наоѓање решенија за негово надминување. Напротив, постојаното движење, судирање, повторување и преклопување на звуци, симболи и знаци предизвикува сомнеж кај гледачите во вредноста на заокружените, ‘финални’ нешта; како што се победата, поседувањето, поврзувањето и револуцијата. Во оваа просторно и аудиовизуелно ограничена претстава на хаосот, достигнувањето на едната и единствена цел е повеќекратно суспендирано, потсетувајќи нè дека од хаосот не можеме да избегаме и да се ослободиме. Чувствуваме дека тоа не е нешто што можеме да го надминеме, ниту целосно да го затвориме“, вели Мања Величковска за делото.

Таа истакнува и дека „делото како настан низ кој минуваме, нè поттикнува на рефлексија за мерилата на сопствениот и колективниот напредок“.

„Ќе излеземе ли некогаш од повторуваните дефиниции на успехот? – се прашуваме. Што сè се бара од нас за да демонстрираме некакво унапредување или придвижување, стагнација и уназадување? Симулациите на хаосот почнуваат да делуваат како преслики на нашите рутини и емоционални состојби, за кои мислиме дека се привремени и сакаме да ги надминеме или подобриме. Хаосот наеднаш ни изгледа дека има динамична потенција; тоа е невидлива енергија која зазема различни облици и продолжува да се реализира дури и кога е во вакуум. Не можеме да го избегнеме хаосот, врзан и неврзан за нашето живеење, апсолутно присутен во секоја нашата интеракција, грижа за другиот, и – разбирање“, додава Величковска.

Хаосот во оваа смисла, тука и сега, смета таа, не е приказ на нарушеност на можностите, туку на посакувана непредвидливост и случајност, и суштинска состојба за излез од нормите, за креативност и промена.

„Низ овој проект, хаосот престанува да биде нешто што треба да се надмине, и станува сила што вреди да се прифати и разбере“, заклучува таа.

Методи Ангелов – Мето (р. 1977) е мултимедијален уметник со над две декади искуство, познат по своите иновативни уметнички проекти, интервенции и процеси кои ја истражуваат врската помеѓу уметноста и технологијата. Со повеќе од 20 самостојни и 20 групни изложби, неговото творештво опфаќа концептуални и интерактивни дела кои ги одразуваат актуелните глобални теми и релации во современата уметност. Покрај формалното образование во сликарството и трансмедиумски практики, Ангелов постојано го надградува своето знаење и со својот авангарден пристап ги поместува границите на возможното во уметноста. Неговите дела се резултат на кумулативен процес на идеи кои се справуваат со предизвиците во современата уметност и се сведоштво за неговото посветено истражување на нови облици на визуелно изразување. Значајна карактеристика на неговата работа е способноста да ја ангажира публиката во интеракција со уметничкото дело, одговорно ангажирајќи ја и воведувајќи ја публиката да биде дел од уметничкиот процес и создавањето на повеќедимензионално искуство кое комбинира различни техники и стилови. Со комбинација на различни техники и стилови, Ангелов создава динамични и повеќедимензионални уметнички искуства, кои поврзуваат и интегрираат различни елементи во една целина.