SafeJournalists: Полицијата не направи ништо за да го спречи насилството во Нови Сад, одговорните мора да ги сносат последиците

Новинарските екипи на Н1 и Евроњуз синоќа биле нападнати на протестот во Нови Сад по повод смртта на 14 луѓе на железничката станица, а иако на местото на настанот биле присутни голем број полицајци, никој не реагирал, се вели во реакцијата на регионалната мрежа SafeJournalists.

Новинарката на телевизијата Н1 Жаклина Таталовиќ и снимателот Никола Поповиќ за време на директниот пренос од плоштадот „Слобода“ најпрво биле навредувани и попречени во работата, а Поповиќ бил и физички нападнат.

„Нив во неколку наврати им пришол непознат маж кој ги навредувал, им покажувал среден прст и им упатувал пцовки, меѓу кои и сексистички. Нешто подоцна, едно лице му пришло на Поповиќ и го удрило по рацете, по што му паднала камерата која во таа прилика била оштетена. Малку подоцна се случи уште еден инцидент пред просториите на градскиот одбор на Српската напредна странка на булеварот ‘Ослободување’, кога снимателот на Евроњуз Мирко Тодоровиќ беше удрен и соборен на земја. Имено, откако претседателот Александар Вучиќ ги собра своите приврзаници пред просториите на СНС за да им се обрати, репортерите дојдоа да известуваат, но насобраните граѓани не им дозволија. Кога Вучиќ си замина, дојде до кошкање меѓу поддржувачите на СНС и учесниците на протестот и тогаш едно лице го удри со нога снимателот на Евроњуз и го собори на земја“, велат од SafeJournalists.

Голем број полицајци во опрема за разбивање демонстрации и во цивилна облека биле присутни во центарот на Нови Сад, што се видело и во директните преноси, но никој не реагирал на нападот на екипата на телевизијата Н1, велат од SafeJournalists и додаваат дека исто така, немало полициска реакција за нападот врз екипата на Евроњуз. Двата напади потоа биле пријавени до надлежните институции.

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најостро го осуди насилството што се случи синоќа во Нови Сад, особено нападите врз новинарите.

Мрежата SafeJournalists, која ги претставува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка НУНС во осудата на однесувањето на полицијата која, како што велат, не направила ништо за да го спречи насилството или да ги уапси сторителите, а како што велат, јасно е дека на улиците на Нови Сад имаше полиција, велат од SafeJournalists.

Тие сметаат дека оние кои ѝ наредиле на полицијата, како што посочуваат, немо да ги набљудува настаните се одговорни за насилството што се случи синоќа во Нови Сад.

Мрежата бара институциите да ги откријат и процесираат насилниците и да утврдат одговорност на полицијата за синоќешните настани. Оттаму ги повикуваа новинарите да ги пријават сите случаи на закани и малтретирање додека известуваа за вчерашните настани.

Од SafeJournalists истакнаа дека за случаите ќе ги информираат релевантните национални и меѓународни засегнати страни.

Во заедничката реакција се вклучени и Здружението на новинари на Косово, Здружението на новинарите на Македонија, Здружението на новинари на Босна и Херцеговина, Хрватското новинарско здружение, Независното здружение на новинари на Србија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

[Видео] Илјадници граѓани протестираа во Нови Сад по трагедијата на железничката станица – демолирано Градското собрание