Новата Платформа за соработка на Црвениот крст на РСМ со властите во државата беше промовирана вчера (6 ноември, петок) на свечен настан во хотел „Стоун Бриџ“ во Скопје.
Настанот се одржа под покровителство на Министерот за внатрешни работи на Владата, Панче Тошковски кој во воведното обраќање го апострофираше значењето на организацијата на Црвениот крст како вршител на помошната улога на властите во државата особено при итни состојби и катастрофи.
За значењето на партнерската соработка со властите и Платформата на Црвениот крст на РСМ воведно обраќање имаше д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на РСМ кој нагласи неколку можни области на соработка на Црвениот крст со властите во државата како сфери во кои Црвениот крст има компаративни предности и компетенции да даде своја додадена вредност на севкупните напори на државата во обезбедување на ефикасен одговор при кризни состојби и катастрофи.
Проф. д-р Никола Дујовски од Факултетот за безбедност – Скопје подетално ја претстави севкупната содржина на Платформата и нејзиното значење во системот за кризен менаџмент од аспект на придонесот на Црвениот крст во повеќе клучни области.
На присутните им се обрати и генерал д-р Павле Арсоски, пратеник и Претседател на Комисијата за одбрана и безбедност кој особено го истакна значењето на организацијата на Црвениот крст во изминатите неколку децении давајќи краток осврт за улогата и придонесот на Црвениот крст во кризните состојби во овој период.
На настанот се обрати и Љупчо Димовски, Заменик претседател на Владата и Министер за политички систем кој изрази подготвеност во името на Владата за поддршка на иницијативите на Црвениот крст за обезбедување на предуслови и поддршка за воспоставување на поефикасен систем за одговор на кризни состојби во државата.