Денеска (8 ноември), со почеток во 12 часот во главната сала на Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи комеморацијата за Оливера Николова.
Нејзината појава и творештво, како што велат од Друштвото на писателите на Македонија , оставаат неизбришливи траги не само во нашето културно и општествено милје, туку и низ светот, и за чија личност и дело може да се зборува само со восхит и со извонредна благодарност.
Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Меѓу нејзините дела се вбројуваат романите за деца „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Пријателите Бон и Бона“, „Љубоболки“, „Домашни задачи“, „Светлосна година“, збирките раскази „Ден за летување“, „Лева комора“, романите „Куќичка“, „Адамовото ребро“, „Кадифената покривка“, „Белиот чад“. И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки.
Оливера Николова почина на 88 годишна возраст.