Утре се отвора Зоолошката градина во Скопје

Скопската зоолошка градина од утре (сабота) повторно се отвора за посетители со редовно работно време од 9 до 16 часот секој ден, соопштија оттаму.

Зоолошката градина беше затворена 21 ден за посетителите, откако беше утврден случај на птичји грип по угинување на една гуска во езерцето на градината. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 19 октомври изврши надзор во Зоолошката градина, а беше извршено и хумано убивање и нештетно отстранување на 35 птици.

Од АХВ тогаш појаснија дека со мерките е забранет и влез и излез на животни од зоолошката градина, дека се ограничува движењето на посетители, беа наредени и мерки за дезинфекција, како и испитување на други птици во ЗОО Скопје за присуство на птичјиот грип.

Во меѓувреме, од Зоолошката градина тогаш обвинија дека птици се убивани без налог и образложение, а дека целта е да се предизвика, како што рекоа, нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на нејзиниот углед. Оттаму најавија и кривични пријави против директорот на АХВ, како и до нивните инспектори.