Ексклузивни наоди од пред 2.500 години се ископани во Охридско-струшкиот регион, соопшти денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Предметите денеска беа изложени во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид на прес-конференција на која Љутков рече дека станува збор за голем научно-истражувачки успех, кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на земјата, туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
„Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди, од кои дел се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече Љутков.
Тој информираше дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на селото Корошишта, Струшко.
„Се започнало во 2020 година, кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид“, посочуваат од Министерството.
Љутков истакна дека „зачувувањето на културното наследство, не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации“.
Археологот Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата информираше дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
„Во рамки на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и др кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регион“, рече Арџанлиев.
Инаку, како што посочија од Министерството, во Охридско-струшкиот регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на просторот во тоа време.