Анализа: Буџет 2025, кој ресор колку пари ќе добие за капитални инвестиции?

Следната година парите од унгарскиот кредит наменето за општините ќе се делат преку повеќе ресори, а највисоките износи ќе бидат проследени преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии -функции на држава, пишува Порталб.мк. Капиталните расходи во новата буџетска 2025 та ќе изнесуваат околу 820 милиони евра.

Рангирање на сумите за јавни инвестиции

Буџетот за капитални расходи на Министерството за транспорт следната година ќе изнесува  скор 248,2 милиони евра, износ кој е историски највисок. Од оваа сума 130 милиони ќе бидат за патна инфраструктура, 45,3  милиони евра за инфраструктурни проекти во општините а 25,8 милиони евра за инвестиции во железничка инфраструктура.  Министерството за одбрана следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 140 милиони евра со намена за модернизација на одбраната, изградба и реконструкција на објекти и интеграција во НАТО.

Во 2025 та ставката за капитални расходи на Министерство за финансии – функции на држава ќе изнесува 93,6  милиони евра од кои 45,6 милиони евра е сума наменета за инфраструктурни проекти за општините.

За реформи во полицијата и за реконструкција и опремување на згради Министерството за внатрешни работи ќе добие скорo 33 милиони евра. Министерството за образование следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 25,9 милиони евра и најголем дел од оваа сума ќе биде наменета за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, училишни и студентски домови но 3,2 милиони евра ќе бидат наменети и за инфраструктурни проекти во општините како 7,4 милиони евра за „помош при транзиција“

                                       Капитални расходи 2025

Министерство за транспорт                         248 200 000  евра

Министерство за одбрана                             139 966 000  евра

МФ – функции на држава                            93  637  000 евра

Министерство за внатрешни работи             33 000 000  евра

Министерство за образование                       25 930 000 евра

Министерството за животна средина следната година за јавни инвестиции ќе добие 8 милиони евра а новото Министерство за спорт, за спортски објекти и за инфраструктурни проекти во општините, добива 6,2  милиони евра.

Развојниот буџет на Министерството за земјоделство следната година е проектиран на 5,1 милион евра а парите се распределени за хидросистеми и програми за наводнување. Министерството за здравство преку развојниот дел од Буџетот следната година ќе добие 4,3 милиони евра од кои најголем дел се за реконструкција и доградба на објекти од здравството. За Општа болница Кичево предвидени се 244 000 евра а нов Клинички центар Скопје и Штип 366 000 евра.

Министерството за социјална политика и демографија кое вообичаено располага со голем буџет поради остварување на социјалните права на граѓаните, во 2025 за капитални расходи ќе добие скоро 2,5 милиони евра, сума која главно е планирана за изградба, реконструкција и опремување на објекти за детска и социјална заштита и за домови за стари лица.

Новото Министерство за енергетика за капитални расходи добива 1,7 милиони евра и оваа сума целосно е наменета за гасификација со тенденција оваа сума да се зголемува во следните буџетски години.

Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку ставката капитални расходи ќе може да потроши 115 500 евра кои целосно се наменети за „Интеграција во НАТО“ а Министерството за економија и труд 402 000 евра, главно наменети за поддршка на малите и средни фирми.  Износ од 290 000 евра за ставката „помош при транзиција“ ќе добие Министерството за европски прашања а околу 200 000 евра добива и Министерството за правда.