„Разноликоста е факт, прифаќањето е чин“ – Меѓународен ден на толеранцијата со фокус на ЛГБТИ заедницата

„Inner Wheel Club of Skopje“ на 15 ноември (петок) во Кинотеката на Северна Македонија ќе го одбележи Меѓународниот ден на толеранција – 16 ноември. Настанот ќе се одржи под мотото „Разноликоста е факт, прифаќањето е чин“ и ќе почне во 19 часот.

Настанот кој ја третира темата на различната сексуална ориентација и нивното прифаќање во општеството ќе го отвори претседателката на Клубот, Светлана Караѓозова. Потоа ќе има проекција на филм – Сведоштво на родител на LGBT+ лице.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на толеранција ќе продолжи со трибина на која ќе говорат: Инес Црвенковска Ристеска, етнолог и антрополог, Ана Блажева, психолог, социолог, психотерапевт, Славица Гајдазис Кнежевиќ, психијатар и психотерапевт, Радмила Живановиќ, психолог и психотерапевт, Ангел Димитриевски, магистер по медиумска едукација и Љубомир Фајзов, претставник на Хелсиншки комитет за човекови права.

Настанот ќе продолжи со прашања и дискусија, чиј модератор ќе биде Душица Брачиќ, етнолог и антрополог.

По завршување на настанот е планирано дружење во фоајето на Кинотека на Северна Македонија.

„Ќе ни претставува особена чест и задоволство доколку присуствувате на овој настан. Веруваме дека оваа предавање и дискусија ќе ни помогне на сите нас полесно да ги разбереме и прифатиме лицата со различна сексуална ориентација“, велат организаторите.

Женската организација „Inner Wheel Club of Skopje“ е дел од Inner Wheel International – организација основана е во 1924 година.

„Клубот во Скопје е основан на 17 декември 2016 во Скопје и има 17 жени-членки, секоја успешна и докажана во својата професија, со силен личен мотив за солидарност и помош на оние на кои им е потребна, со желба и можности за делување во рамките на нашето општество преку разни хуманитарни акции. Од основањето до денес, Клубот стои зад бројни хуманитарни акции и акции за подигнување на свеста за општествено и хумано делување“, велат оттаму.

Од 2016 година, Клуб со разни активности се придружи кон одбележување на Меѓународниот Ден на толеранција кој почнувајќи од 1996 година е годишно одбележување на толеранцијата под покровителство на УНЕСКО, со цел генерирање на јавна свест за опасностите од нетолеранцијата.  На 16 ноември 1996 година, Генералното собрание на ОН (со резолуција 51/95) ги покани земјите-членки на ОН да го одбележуваат овој ден како Меѓународен ден на толеранцијата.