Дарио Ивановски ја доби наградата „13 Ноември“ – Спортист за 2024 година

Атлетичарот Дарио Ивановски е добитник на наградата „13 Ноември“ – Спортист за 2024 година, одлучи Сојузот на спортови на Скопје. Наградата му беше доделена на свеченост организирана денес (12 ноември) по повод ослободувањето на градот Скопје.

На свеченоста што се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ беа доделени 10 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот.

„Оваа награда претставува признание за исклучителните придонеси на добитниците во спортската област, со што тие оставија трајна трага во развојот на спортот и во промоцијата на спортските вредности во нашата заедница“, велат од Сојузот.

Дарио Ивановски, кој минатата година настапи на маратонот на Олимписките игри во Париз 2024 и стана стана првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка. Ивановски продолжи да постигнува одлични резултати и во 2024 година, остварувајќи неколку лични рекорди, а го освои и третото место на маратонската трка на годинашниот Виз Ер Скопски маратон.

Фото: Сојуз на спортови Скопје

Наградата Тренер ја доби Игор Јакимовски, тренер на атлетичарот Дарио Ивановски, кој е еден од најзаслужните за резултатите на Дарио.

Наградите за животно дело им припаднаа на Владимир Радиќ, поранешен ракометен тренер, кој беше и на кормилото на некогашниот женски европски шампион Кометал Ѓорче Петров, Ѓоко Хаџиевски, македонска фудбалска легенда и некогашен селектор на фудбалската репрезентација на Македонија и Ѓорѓи Чадиковски, атлетски тренер.

Останатите добитници на наградата „13 Ноември“ за 2024 година се Марјан Угриновски – Професор во Основното училиште „Јан Амос Коменски“, Мирјана Крстевска – Професорка во СУГС „Димитар Влахов“, Филип Поповски – Фудбал, спортски работник и Влатко Неделковски – Декан на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, спортски работник.

Наградата „13 Ноември“ му припадна и на Спортското радио 90.3, за посебен придонес за промоција и развој на спортот во нашата држава.