Скопје повторно меѓу шампионите по загаденост на воздухот

Со почетокот на грејната сезона започна и сезоната на висока загаденот на воздухот. Градовите низ земјава веќе се замаглија од ПМ честички, иако ниските температури започнаа пред само десетина дена. Скопје и оваа есен високо котира на светските листи на најазагадени градови, а неговите граѓани и овојпат сметката ќе ја платат со своето здравје. Очигледно е дека од минатите години досега лекцијата не е научена, иако постојано се повторува дека за загадувањето на воздухот треба да се мисли преку целата година, а мерки, краткорочни или долгорочни да се имплементираат со време, пренесува агенцијата Мета.мк.

Денеска, според податоците на порталот IQAir, воздухот во Скопје е загаден со високи концентрации на ПМ 2,5 честички и според индексот на квалитет на воздухот го рангира на осмото место на најзагадени градови во светот. Воздухот е оценет како нездрав за сите категории на луѓе, бидејќи вредностите на ПМ 2,5 во моментот се 11,4 пати повисоки од препораките на Светската здравствена организација. Во овие услови забранети се сите спортски и рекреативни активности на отворено, како и отворањето на прозорци. За луѓето се препорачува надвор да носат маска, а дома да вклучат прочистувач на воздухот.

Загадувањето го регистрираат и мониторинг станиците на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, според кои во Скопје, деновиве најзагадено е во Лисиче, каде се измерени концентрации на ПМ 10 честичките над 100 микрограми на кубен метар, што е двојно повеќе од максималните дозволени концентрации и концентрации на ПМ 2,5 над 130 микрограми, што е речиси шестпати повисоко од дозволеното. Во Центар загаденоста достигнува до 95 микрограми ПМ 10 и над 100 со ПМ 2,5. Деновиве загадено било и во Кичево каде ПМ 2,5 преминале над 140 микрограми и во Битола, каде биле над 80.

Според најновото истражување на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото и од улиците, палењето на стрништата и друг отпад на отворено, секундарните честички и горењето на мазут и нафта во јавните објекти и дел од индустриски објекти, се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички. Убедливо најголемо учество во создавањето на ПМ 2,5 честички има согорувањето на дрва, околу 30 отсто, особено во зимските месеци, за време на грејната сезона.

Како и претходните години, податоците од Државниот мониторинг не се целосни. Има мерни станици кои воопшто не функционираат, како таа во Велес, како и неколку кои работат само половично, како тие во гевгелија, Берово, Прилеп, Кочани, како и скопската кај Ректорат, која мери само ПМ 10. Нецелосни бројки даваат и станиците во Гостивар, Миладиноцви, Ѓорче Петров, Битола и Струмица. Зелената боја, како и претходните години во овој период доминира само во Лазарополе.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека се бараат партнери со кои ќе се инвестира во системи за затоплување, бидејќи најголемиот дел од загадувањето доаѓа од горењето дрвна маса во ложиштата на домаќинствата и малите бизниси.

„Најголемиот фактор за загадување е системот на кој се затоплуваат домовите кој користи дрва, но и отпадни масла, паркет, стар мебел и слично. Тоа е околу 60 отсто причинител на загадувањето. Во потрага сме на партнери кои заеднички ќе вложат во систем на затоплување на природен гас. Имаме во план неколку да направиме, но овој проблем не се решава преку ноќ, можеби за три до четири години од денес“, рече Мицкоски.

Од Mинистерството за животна средина, пак, информираа дека е формирана интерна работна група за чист воздух, која на владата ќе ѝ предложи акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности за да се забрза процесот на постигнување на видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот. Направен е план и за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-Интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а целта е и да се влијае на подигање на свеста и подготвеноста на компаниите да преземат и дополнителни мерки со кои би влијаеле позитивно врз квалитет на воздухот.

Од Министерството апелираат и до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени чинители за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето на возила, градежните работи на отворено, палењето на стрништа и други активности кои придонесуваат за загадување на воздухот.

Мета.мк