Книжевна средба со шпанскиот автор Франсеск Миралјес ќе се случи во петок, 15 ноември, со почеток од 19 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
„Миралјес е еден од најчитаните странски автори кај нас, но и во светот. Неговите дела ‘Икигаи’, ‘Намасте’ и ‘Ичиго-ичие’ се продадени во неколку милиони примероци низ целиот свет. Читателите ќе имаат можност да се сретнат со човекот кој истражувајќи за своите книги, истражи многу за себеси и допре до тајните на источните мудрости, а важи за едно од најчесто споменуваните имиња низ книжарниците на ‘Три’“, истакнуваат од издавачкиот центар „ТРИ“, македонскиот издавач на Миралјес.
Миралјес, како што велат од „ТРИ“, е писател, новинар, пијанист и вечен патник и трагач по вистини. На оваа средба, наведуваат оттаму, присутните ќе ги чујат неговите впечатоци и искуства од Индија, древната лулка на цивилизацијата, но и од Јапонија, од каде авторот ја извлекол тајната на долговечноста, „како и од секоја секоја друга точка на планетата што го поттикнува да истражува и да создава“.
„Неговите согледувања и директното пренесување на дел од различните источни културни практики ткаат еден необичен книжевен мозаик, што му помага на современиот читател олеснето да издише и одново да се исполни со енергија и животен елан. Ве покануваме да ја доживеете исцелувачката моќ на мантрата ОМ, отворено да позборуваме за страдањето, да се ослободиме од своето его, од стравот и вознемиреноста – заедно да го разбудиме својот творечки потенцијал“, додаваат од „ТРИ“.
Миралјес досега има објавено неколку романи и книги од областа на филозофијата на живеењето, а од нив „Намасте“, „Ичиго-ичие“, „Ваби-саби“, „Икигаи“, „Посакувам да си тука“, „Барселона блуз“ и „Љубов со мали букви“ се преведени на македонски.
„Ветуваме незаборавна средба, како онаа од пред десетина години, кога Миралјес го промени животот на многу читатели. Наскоро создаваме нови мигови донесени од најдобрата книжевност од светот“, посочуваат оттаму.
Влезот на книжевната средба е слободен.