Четвртата самостојна изложба на Јован Јосифовски, „Box office poison“, ќе биде отворена и затворена вечерва, 14 ноември, со почеток во 20 часот во културно социјалниот простор Центар – Јадро. Taa ќе биде проследена со промоција на уметничката книга „Never North, Never Fair: The Prespa Disagreement“, издадена од Центар – Јадро, како и со проекција на краткиот експериментален филм „Метастазата на Вергина“.
„Надоврзувајќи се на моето истражување од минатата година, овојпат со фокус на родителите на интервјуираните геј мажи, јасно се укажува дека, покрај желбата за ‘голема Македонија’, тие биле подготвени да ги запалат сите свеќи во локалната црква и да учествуваат во бројни други ‘рационални’ активности, со цел нивните синови да имаат помалку женски хормони“, вели уметникот.
Јосифовски смета дека овие родители не се премногу различни од родителите денес, од помладата генерација, секако, благодарение на антиродовото движење.
„За мене беше инспиративен доминантниот наратив на антиродовите, кој има за цел да ја прикаже ЛГБТИ+ заедницата како ‘неприродна’, демонска или опасна за општеството.
Користејќи ја нивната стратегија на претерување, со траги од субверзивна афирмација, покрај мелодраматичниот момент, го создадов ‘родителот’, кој е дел од нивното движење и зема учество во книгата, изложбата и филмот. Ја посветувам оваа изложба на родителите што не гледаат подалеку од крстот и знамето и сакам да ја искористам оваа можност да се потсетиме на опасноста од горенаведеното движење, чии метастази пред неколку денови се залепија во Министерството за образование и наука“, истакнува тој.
„Box office poison“, додава уметникот, симболизира непосетеност, неуспех и потсмев.
„Се надевам дека тие асоцијации нема да го дефинираат нашето заедничко искуство“, заклучува Јосифовски.