Албумот „Transformer“ на Лу Рид, издаден во ноември 1972 година, е културолошки и музички маркер кој ја редефинираше рок сцената на 1970-тите. Создаден во соработка со Дејвид Боуви, кој беше и продуцент и неговиот соработник гитаристот Мик Ронсон, „Transformer“ прерасна во албум што го обликува имиџот и звукот на рок-андерграунд сцената и ја црпи својата сила од нескротливите, општествено контроверзни теми.
Рид, познат по својата авторска улога во „Velvet Underground“, тука отскокнува кон нов стилски израз, микс од глам рок и арт-рок кој го прави овој албум специфичен и за него и за периодот. Песните на албумот се едноставни, но длабоки, сочувствителни, со саркастична нота, а текстовите отворено зборуваат за маргинализираните групи и теми како сексуалната слобода, употребата на дрога и идентитетот. Музичката продукција на Боуви е клучна во дефинирањето на албумот, кој носи повеќе електричен, театрален тон и ги користи клавирот и саксофонот како елементи кои даваат одредена доза на мекост и романтичност во контраст со грубите текстови.
Песните како „Perfect Day“ и „Satellite of Love“ носат емотивна длабочина и меланхолија што се спојуваат со препознатливата, полу-наративна вокална изведба на Рид, со што овие композиции стануваат препознатливи и интимни. „Walk on the Wild Side“ е дефинитивно еден од највпечатливите моменти на албумот. Со својата контроверзност и џез-басот на Херби Флауерс, оваа песна го предизвикува пуританскиот морал, истовремено славејќи го дивиот дух на Њујорк и личностите кои го претставуваат.
Продукцијата на Боуви, под закрила на неговиот тогашен менаџмент „MainMan“ исто така внесува специфична сензуалност, што му овозможува на Рид да го прошири својот стил и да го истражи глам рокот. Со тоа, албумот добива карактеристична нишка на гламурозност која ги охрабрува слушателите да го видат животот од перспектива на различност и флуидност.
„Transformer“ е ремек-дело што ги содржи клучните естетски аспекти на своето време и културниот бунт против општествените норми. Албумот го потврди Лу Рид како соло изведувач, и за многу слушатели и фанови останува симбол на слобода, уметничка експресија и храбро одбивање да се биде подреден на општествените конвенции. Едноставно, еден од најбитните албуми во прото-панк периодот.
Јане Алтипармаков