Јана Атанасовска која има 18 години ќе ја претставува Македонија на ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска.
Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом, на денешната трка (16.11, сабота) со почеток во 11:00 часот.
„Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана, туку и за македонскиот спорт, поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации. Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренираше интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти“, велат од Скијачката федерација на Македонија.
Атанасовска има постигнато бројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и скијачката Микаела Шифрин.
Тренери на Јана се Александар Атанасовски Чаве – кој е и нејзин татко – и Игор Загерник.
ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, посебно познат по натпреварите во дисциплината слалом. Традиционално, трките се одржуваат во ноември, во машка и женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светски куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.
Скијачката федерација на Македонија со гордост ја поддржува Јана, и и посакува многу успех во остварувањето на нејзините цели и соништа.