[Фото] Денес се одржува шестчасовен протест во Нови Сад

Во Нови Сад се одржува нов граѓански протест на кој се бара одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица, кога на 1 ноември загинаа 14 луѓе, а за тоа досега се приведени само граѓани и активисти кои протестираа на 5 ноември. Блокадата на крстосницата пред железничката станица, како што претходно најавија активистите од организацијата „Stav i SviĆe“ почна во 12 часот и ќе трае до 18 часот, јавува „Н1“.

На собирот се обратија Јелена Ступљанин и Марко Шелиќ Марчело. Музичарот и писател Марчело порача дека „беседите ништо не кажуваат, туку тоа го прават бесот, акцијата, ‘акцијата како оваа’“ повикувајќи ги сите граѓани, спортисти, репрезентативци, актери и музичари да се приклучат „и да се сетат дека се луѓе, сите да се сетиме дека не сме робови“, порача тој.

Граѓаните се собраа пред Железничката станица каде може да се види транспарентот „Промените не можеш да ги апсиш“ а оставија и траги дланки во црвена боја, т.н. „крвави раце“. Поставени се и транспаренти со пораки „Со што се перат рацете од крвавите пари“, „Власта се плаши од народот, а не народот од власта“, „Не би го носеле ова, да не мораме“, „Хеликоптер, Рибникар, Млаедновац, настрешница, до кога?“ и други.

Околу 15 часот таму беше поставена и слика од гулабица која плаче и крвари, а која се смета за симбол на градот.

Нешто подоцна од тоа чуварите и активистите се обидуваа да го спречат трукањето и кошкањето меѓу граѓаните и група мажи кои на протестот дојдоа со знамиња на Европската Унија и „Евромајден Србија“. Активистите ги молеа да ги спуштат знамињата и повторуваа дека ова е собир во помен на смртта на 14-те луѓе.

„Овде сме првенствено поради трагедијата, злосторството што се случи. Сметам дека моја должност како студентка е да бидам овде, затоа што промените секогаш започнувале од студентите. Ќе не апсат барем еднаш во животот во овој режим и подобро е сега да покажеме кои сме, што сме и дека не ни можат ништо“, изјави една од студентките присутни на блокадата.

Поради несреќата, која многумина ја нарекуваат злосторство и масовно убиство, до сега се организираа протести во Нови Сад, Белград, а за време на демонстрациите приведени се граѓани и активисти кои учествуваа на масовниот протест во Нови Сад на 5 ноември.