Недела на јапонски филм од 25 до 29 ноември во Кинотека на Македонија

Кинотеката на Македонија го отвара својот простор и платно за циклус на јапонски филм, нудејќи „патување“ низ повеќе декади на јапонската кинематографија од 25 до 29 ноември.

„Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија. Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество“, велат од Кинотека.

Како што наведуваат оттаму, програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела и експериментални форми, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија.

„Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика. Преку овој циклус, Кинотеката нуди повеќе од само проекции. Тоа е културен мост меѓу Истокот и Западот, претставувајќи ги различните аспекти на јапонскиот филм и повикувајќи ја публиката да го открие светот зад екранот. Ова патување низ јапонската кинематографија е повеќе од само уживање во филмската уметност – тоа е повик за истражување на длабочините на културата, историјата и човечките искуства“, додаваат тие.

На 25 ноември, понеделник, со почеток од 20 часот ќе се прикаже „Враќањето на Даиманџин“ (The Return Of Majin, 1966).

„Градот на еден самурајски господар е поразен и војниците ja уништуваат џиновската статуа на Даимаџин, џиновскиот бог воин. Кога свршеницата на самурајскиот господар му се моли на Даимаџин, тој се крева од дното на езерото и ги поразува напаѓачите. ‘Враќањето на Даиманџин’ е вториот дел од филмската трилогија за Даимаџин, џиновскиот бог воин. Оваа трилогија е од токусацу (tokusatsu) жанрот. Тоа се филмови со фантастична и натприродна тема во кои се користат многу специјални ефекти. Трите филма се снимени истовремено од тројца различни режисери и имаат сличен заплет: обичните селани го повикуваат Даимаџин да ги спаси од насилниците“, велат до Кинотека за филмот.

„Train brain express“ е јапонски игран филм од 2012 година кој ќе се прикаже на 26 ноември со почеток од 20 часот.

„Комачи, вработен во компанија за недвижнини и Кодама, наследникот на челичарницата, се страсни љубители на возови. Ова нивно хоби се покажува корисно за работата и напредокот во нивните кариери, но со романтичниот дел од нивните животи работите не одат толку мазно. Дали незгодниот Кодама и неодлучниот Комачи ќе ги најдат љубовите на својот живот?“, информираат од Кинотека на Македонија за „Train brain express“.

Додека пак, на 27 ноември, во среда, од 20 часот ќе се прикаже комедијата во режија на Шинџи Хамасаки, „Уште не сосема мртов“ (Not quite dead yet/Ichido shinde mita, 2020).

„Приказната се врти околу една бунтовна и гневна студентка, Нанасе Нобата, која живее со својот татко, Хакару, претседател на фармацевтската компанија ‘Нобата’. Таа е огорчена поради неговото постојано негодување за нејзиниот живот и неговата опседнатост со работата, поради што не успева да биде на смртната постела на нејзината мајка. Тимот од научници на Хакару случајно открива лек, кој предизвикува привремена смрт од два дена. Хакару го земa лекот во обид да разоткрие корпоративен шпион поставен во неговата компанија. Нанасе избезумено се обидува да го спаси татка си од заговорот на ривалската компанија порано да го кремираат неговото тело пред да помине дејството на дрогата“, наведуваат од Кинотека за филмот.

„Браќата Мамија“ (Mamiya Kyoudai/The Mamiya Brothers, 2006) ќе се пушти на платото во Кинотека на 28 ноември, четврток, со почеток од 20 часот.

„Браќата Мамија живеат заедно повеќе од 30 години. Постариот брат Акинобу (35) работи во пиварница. Помладиот брат Тецунобу (32) работи како чувар во основно училиште. Без разлика дали се работи за гледање на нивниот омилен бејзбол тим пред телевизорот или за решавање на крстозбори, тие уживаат да се заедно. Но, кога станува збор за љубовта, и двајцата се тотално ‘неискусни’. Тие решаваат да преземат нешто во врска со тоа и канат две девојки во својот стан на забава со карти: Јорико, наставничка во основното училиште и Наоми, вработена во видеотеката која браќата секојдневно ја посетуваат. Но, за браќата Мамија светот исполнет со сериозност и страв е друг свет. Тие сакаат да имаат девојки, само без да го жртвуваат времето поминато со својот брат. Секој ден е толку прекрасен. Зошто би се впуштиле во некаква комплицирана врска?“, стои во описот за филмот.

Дополнително, на 29 ноември , исто така од 20 часот, ќе се прикаже „Сто лаги“ (We make antiques!, 2018), филм кој раскажува за еден изветреан трговец со антиквитети, Норио, кој наоѓа вредна шолја за чај од најпознатиот јапонски мајстор за чај Сен но Рикју од 16 век, кога пребарува во складиште на богато семејство.

„Норио го измамува сопственикот на куќата Сасуке и успева да ја добие шолјата речиси за ништо. Но излегува дека Сасуке е измамник и шолјата за чај ја направил самиот. Потоа Норио дознава дека Сасуке порано бил надежен грнчар, но бил спречен од автентикаторот на антиквитети. И Норио има болни искуства со истиот автентикатор, па двајцата решаваат да направат измама со која ќе му се одмаздат на автентикаторот. Но оваа измама, која ги вклучува и нивните сопруги и деца, ќе тргне по сосема неочекуван пат“, се вели во соопштението.

Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотека.