„О2 Иницијатива“: Буџетот за заштита на животната средина за 2025 година е главно за водовод и канализација

Најголем дел од средствата предвидени за заштита на животната средина во Предлог-буџетот на Македонија за 2025 година, кој е во собраниска расправа, „одат“ на комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации. Нема предвидени средства за десетте болници кои во текот на 2025 треба да го променат начинот на греење, ниту за стандардизирање на депонијата „Дрисла“ и развивање на системот за управување со отпад, а нема ниту континуирано мерење на тешки метали во воздухот како и средства за ова. Исто така, не се предвидени средства ниту за чистење на затворениот рудник „Лојане“, тополницата во Велес, како и за депонијата „Југохром“.

Ова го тврди еколошката организација „О2 Иницијатива“, додавајќи дека комуналиите, водоводот и канализациите треба да ги реализираат општините.

„Во минатото овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од Министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина“, велат од организацијата.

Според нив, ова е главниот проблем со овој буџет, иако е најголем досега за овој дел. А, како главна црта ја посочуваат новата владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата децентрализација, која за првпат се воведе во август годинава со ребалансот на Буџетот за 2024 година.

„Ова продолжува и во 2025 година. За добивање на овие средства општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП за оваа намена се одвоија 9,9 милиони евра во 2024, а за 2025 се планирани 7,8 милиони евра. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водовод и канализација“, објаснуваат оттаму.

Инфографик: „О2 Иницијатива“

Организацијата реагира дека никој од пратениците не ги известил навреме за рокот за поднесување амандмани за Предлог-Буџетот на Македонија за 2025 година, истакнувајќи дека ова е прва година да не поднесат навреме предлози за измена на Буџетот во областа на животна средина.

„Ова е чекор наназад во соработката со пратениците, како наши претставници во Собранието, од кои зависи носењето на Буџетот и кои амандмани ќе се усвојат, а кои не. Ние сепак поднесовме наши предлози за измена, кои се надеваме ќе се предложат и усвојат како комисиски предлози на Комисијата за финансирање и буџет. Овие предлог измени се скоро идентични како тие од минатата година, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како тогашна опозиција ги предложија. Сега како партија на власт со мнозинство во Собранието, се надеваме дека истите ќе ги инкорпорираат во предложениот Буџет за 2025, зошто средства за бараните намени во Буџетот за 2025 нема“, нагласуваат од еколошката организација.

Како што појаснуваат оттаму, главни црти на Буџетот за 2025 од аспект на заштита на животна средина се 1.36% планирани средства за заштита на животна средина, односно 103,4 милиони евра – „рекордно досега“.

„Средствата, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024, се помалку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се дупло повеќе“, сметаат од „О2 Иницијатива“.

Понатаму, наведуваат дека 90% од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи, односно за давачки на институциите за трајни добра како патишта, училишта, болници, водоводи и друго.

Инфографик: „О2 Иницијатива“

Понатаму во соопштението, „О2 Иницијатива“ потсетува дека во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи поради загадувањето со PM2.5 честичките, што е 17.7% од вкупната смртност во државата. Секој деветти смртен случај кај новороденчињата, истакнуваат, е поврзан со загаден воздух.

„Средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето не најдовме во буџетот за 2025. Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Министерот за здравство Таравари изјави дека 10 болници во текот на 2025 ќе го променат начинот на греење, но средства за оваа намена нема во буџетот“, истакнуваат од организацијата.

Според нив, во Буџетот за 2025 година нема доволно средства за купување на мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг станиците за квалитет на воздух, а тврдат и дека во моментов 29 вакви инструменти не работат.

„Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се прати аерозагадувањето, преземат мерки при негово надминување и извршат потребните анализи“, додаваат тие.

Инфографик: „О2 Иницијатива“

Исто така, потенцираат и дека нема континурано мерење на тешки метали во воздухот барем на едно мерно место, согласно законските обврски, а велат дека нема ниту средства за оваа намена во буџетот. Нивните предлози за амандмани, појаснуваат, се токму во овие насоки.

Дополнително, од иницијативата информираат и дека управувањето со отпад – процесот на воспоставување на системи за управување со отпад за сите 7 плански региони, со депонии во Мечкуевци, Русино, Мегленци и Доброшинци е започнат од претходната влада со обезбедување на средства од ИПА, Швајцарска влада и ЕБОР и е во различна фаза за секоја од овие депонии/плански региони.

„Но, за скопскиот плански регион државата нема предвидено средства за стандардизирање на Дрисла и развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46% од БДП (2022 година). Нашите предлози за амандмани се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во скоро половина од БДП-то на државава“, наведуваат оттаму.

Инфографик: „О2 Иницијатива“

Понатаму, посочуваат дека во Буџетот нема средства ниту за целта на државата за учество на обновливи извори на енергија во производство на електрична енергија, која е хидроцентралите (се мисли на големите) да сочинуваат 66% од производството на електрична енергија до 2030, имајќи предвид дека енергијата од ветрот и сонцето е нестабилна, за што е потребно балансирање на системот.

„Во однос на овозможување на индустријата да го замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони евра. Средства за најавените когенеративни централи на гас исто нема во буџетот“, информираат до „О2 Иницијатива“.

За загдената почва и подземните води, наведуваат дека од жешките точки започнато е чистењето на „Охис“ од претходната влада, но „оди многу побавно од предвиденото“. Исто така, според нив е потребно мобилизирање на средства за чистење на големата депонија и „Пеленица“.

„Давање на концесионири за чистење на ‘Лојане’, згурата од топилница Велес, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Исто и со депонијата на ‘Југохром’, од која водата од Рашче е загрозена и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 нема“, реагира еколошката организација.