До крајот на годината ќе биде дефинирано дали ќе се зголеми дневната сума што студентите ја добиваат за студентски оброк или ќе се прошири опсегот на студенти кои го користат ова право. Ова го изјави денес министерката за образование и наука, Весна Јаневска при денешната посета na штипската Гимназија „Славчо Стојменски“
„Нема дилема дека ние сме планирале да го покачиме субвенционираниот студентски оброк, но сè уште разговараме со студентите затоа што тие имаат и некаква поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат комплетен оброк во одредени маркети, ресторани, а дека би можело да се прошири опсегот: на пример, има студенти и кои работат ‘парт-тајм’, а сè уште не постигнале одредена сума на средства, би можеле и тие. Значи до крајот на годината тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари дали ќе добијат 160 денари за оброк или ќе биде проширен опсегот“, изјави министерката.
Таа повтори дека буџетот за студентски стандард во 2025 година ќе изнесува 30 милиони евра или за 18% повеќе од годинава по ребалансот или за, како што рече 50% зголемување во однос на буџетот за 2024 година пред да биде направен ребалансот.
Прашана за студентскиот дом „Пелагонија“ и екстремно лошите услови на кои се жалат тамошните станари, министерката рече дека во најблиска иднина ќе биде поставен нов директор.
„Студентите се жалат дека нема топла вода, дека храната навистина е на ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава, ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните, и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работата. Така да, јас очекувам дека најдоцна во овие два-три дена и тој проблем ќе се реши“, истакна таа.
Ангела Бошкоска