Центарот за современи уметности низ неколку локации во Скопје денес постави знакови со „награда“ по повод „Европска престолнина на ѓубрето“ – уметничката герила акција.
„По неуспешните обиди за Европска престолнина на младите 2027 и закочениот процес на подготовки за престижната титула Европска престолнина на културата 2028, оваа година на Скопје му се посреќи да биде прогласен за Европска претстолнина на ѓубрето“, велат од екипата на урбана герила/урбани уметнички акции.
Оттаму укажуваат дека во 2024 година „како што налага и титулата Европска престолнина на ѓубрето за 2024 во Скопје, ѓубре има на секаде што го прави лесно препознатлив како престолнина на ѓубрето“.
„За време на номинирањето и на доделувањето односно поставувањето на знаковите со наградата на различни локации низ градот (најчесто околу контејнерите ) имавме шанса да лоцираме и видиме над 80 ѓубришта околу контејнерите со просечна големина од 40-100м2. Интересно е што најгоелм дел од овие ѓубришта креирани од неодоворните граѓани на неодговорниот град во кој функционира неодговорното јавно претпријатие. При мониторингот на ѓубриштата во населбите Центар, Аеродром и Синѓелиќ (Ченто) и позади Народна банка на РМ забележително беше дека некои од ѓубрињата стојат и со месеци и не се собираат (ова беше потврдено и од локалните жители) иако контејнерите повремено се празнат“, истакнуваат од Центарот за современи уметности.
Она што исто така е забележително е дека во последно време и разни напуштени простории низ градот се трансформираат и користат како размножувачи на вируси и бактерии односно како тајни јавни тоалети и простории за складирање на ѓубре.
„Претпоставуваме дека ова складирано ѓубре е наменето за таканаречени ‘не дај Боже ситуации’ во случај ако некоја невидлива сила го собере ѓубрето од ѓубриштата околу контејнерите, истите да служат како депоа и резерви за ѓубре за да не ја загубиме престижната титулата Европска престолнина на ѓубрето 2024, но и да имаме предност да ја задржиме титулата во 2025. Куриозитет и потенцијална атракција е најинтересната тајна скривница на ѓубре и фекалии во затворен простор од над 400 м2 која имавме можност да ја лоцираме во стариот трговски центар кај пазарчето во населба Лисиче за која локаните жители ни рекоа дека потекнува уште од пред 2 години кога се појавија првите можности за избор на нашиот град за Европска престолнина на ѓубрето во 2024“, се вели во дописот од уметниците.
Со оваа акција сакаат да „оддадат чест на сите сограѓани, градот Скопје, општините на градот Скопје и јавните претпријатија кои помогнаа во остварувањето на секој скопјанец, а тоа е да се добие престижната титула Скопје 2024 Европска престолнина на ѓубрето, место каде ѓубрето, вирусите и бактериите оро водат“.
Фото: Центар за современи уметности