Вчера изутрината вработен во фирма во населбата „Момин поток“ малтретирал бездомно куче со повеќе од 20 удари со дрво по глава, откако влегло во дворот на складиштето. Насилникот е приведен, а Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ бара итно процесирање на кривична постапка и најстрога, тригодишна казна затвор за сторителот. Исто така, оттаму изготвиле Предлог-иницијатива за измена и дополнување на Кривичниот законик која ќе биде доставена до Владата, претседателот на Владата Христијан Мицкоски и ресорните министерства наредната недела.
„Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано со дебело дрво, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси; случај кој ќе останеше невиден доколку не беше евидентиран на камерите за видео надзор“, велат од „Анима Мунди“.
Согласно информациите кои ги имаат оттаму, насилникот е приведен и потенцираат дека ќе го следат случајот до крај. Исто така, од Здружението бараат јавно произнесување на Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи, во однос на овој случај.
„Во Англија би бил осуден на петгодишна затворска казна, а во Грција за вакво мачење се предвидува и до 10 години затвор и глоби до 15 000 евра. Државата мора да ја препознава и најстрого казни суровоста кон животните која во државите во ЕУ е индикатор за насилство врз деца, жени, ранливи категории; показател на сериозна психопатологија“, истакнуваат од Здружението.
Според нив, насилството врз животните е показател на сериозна морална девијација и мора да се препознае како таква, превентира, казни, запре.
„Благодарност за човекот кој го однел во Јавното претпријатие ‘Лајка’, ветеринарите на ‘Лајка’ и доктор Марин Величковски кои се борат за да се спаси ова куче, мирно и најкротко на свет. А, ние се бориме вакво нешто да не се повтори“, додаваат од Здружението.
Дополнително, оттаму ги потенцираат и тврдењата на Федералното истражувачко биро (ФБИ) според кои историјата на суровост кон животните е една од карактеристиките која редовно се јавува во компјутерските досиеја на сериските силувачи и убијци. Додека, стандардниот прирачник за дијагностицирање и лекување на психички и емотивни нарушување ја наведува суровоста кон животните како дијагностички критериум за растројства во однесувањето.