Здружението за едукативен развој „Еквалис“ упатува остра реакција за, како што велат, нетранспарентниот и исклучувачки процес за нивната Предлог-програма за служба во заедницата што ја развиваа и ја предложија во рамки на работните групи на МОН, уште од 2021 година. Сега таа почнува да влегува во системот, но реагираат дека тие ниту се споменати, ниту вклучени во процесот.
„Министерката Весна Јаневска на годишната конференција за соработка на Владата и граѓанскиот сектор презентираше дека Министерството и Бирото за развој на образование изработиле програма за учениците од седмо до деветто одделение според којашто секој ученик ќе помине 30 часа во волонтирање низ коешто ќе стекнат различни вештини, како свест за заедницата, одговорност и емпатија. Би сакале да ја известиме јавноста дека ‘Еквалис’ како предлагач на оваа програма не беше ниту еднаш вклучена како организација во процесот на изработка на овој пилот-концепт. Напротив, дури ни на самата конференција на која министерката успеа да го истакне ова како успех на институциите, ниту бевме поканети, а целосно се сомневаме и дека воопшто е споменато како е дојдено до овој предлог-концепт“, забележуваат од „Еквалис“.
Од таму велат дека ваквата постапка претставува грубо демонистрирање на принципите не непартиципативност, но, уште поважно, сметаат дека на овој начин се кршат вредностите во оваа предлог-програма во која граѓанскиот сектор требало да има клучна улога во дефинирање на спецификите.
„Во самиот старт ваквата програма стана она за коешто се залагавме да не е – нешто кон коешто ќе имаат пристап само одредени граѓански организаци или каузи, само одредени теми коишто во општеството се сметаат прифатливи, па дури и само нешто коешто учениците ќе го перцепираат како нов, стерилен елемент во образованието, наместо нешто низ коешто ќе растат, истражуваат и ќе го менуваат општеството“, реагираат тие.
Истовремено, ја известуваат јавноста дека „Еквалис“ поседува докази во форма на предлози за оваа програма, дописи до Министерството, медиумски написи, но и поддршка од колегите од работната група при Министерството со кои, посочуваат тие, јасно назначиле дека оваа програма е колаборативен процес на институциите и граѓанските организации.
„За нас е загрижувачки што оваа институција нема институционална меморија за тоа како се започнати вака клучни процеси, но, можеби, уште позагрижувачки, што со оваа институција треба да комуницираме преку реакции и јавни дописи, затоа што во изминатите две години Министерството за образование и наука нема одговорено на ниту едно од вкупно 5 писма испратени кон два различни министри на функција“, потенцираат од „Еквалис“.
Од таму нагласуваат дека образовните политики треба да се носат во најдобар интерес на учениците.
„Со жалење констатираме дека е искасапена една доблесна иницијатива која имаше за цел да го модернизира образовниот систем, да ги поврзе ученици поблиску со заедниците во коишто живеаат, да развие емпатија и разбирање кон луѓето со различни идентитети, да ги поттикне да развијат важни односи со планетата земја и климатската криза, да го демистифицира концептот на активно граѓанство и учество во сопствената заедница, да обезбеди допир на различни генерации (ученици и пензионери), да ги приближи различните етнички малцинства во оваа држава, но, можеби, најважно од сѐ, улогата на оваа програма беше да им ја зголеми врската на младите со сопствената држава за да не ја чувстуваат како страна, отуѓена земја од којашто гледаат што побргу да заминат, наместо да инвестираат во нејзината трансформација“, се вели во реакцијата на „Еквалис“.
Што кажаа од МОН?
Министерството за образование и наука (МОН) пред неколку денови објави дека тие заедно со Бирото за развој на образованието (БРО) за прв пат годинава изработиле програма за учениците од седмо до деветто одделение, според која секој ученик е обврзан да учествува во општествено корисни активности со вкупно 30 саати годишно, со цел да се развива свеста за заедницата, одговорност кон општеството и емпатија кај учениците.
„Програмата вклучува волонтерство и соработка со граѓански организации, а преку ваквиот ангажман учениците ќе учат како да придонесуваат за доброто на заедницата, што е важно за нивниот личен развој и граѓанска одговорност“, рече министерката Весна Јаневска, додавајќи дека од следната година, програма за општествено корисни активности ќе се изработи и за учениците од гимназиите, со оглед на тоа што гимназиското образование е во процес на реформирање.
Исто така, таа тврдеше дека комуникацијата со здруженијата им е особено важна и дека граѓанскиот сектор веќе бил вклучен во процес кој претходел на новата Национална стратегија за образование за 2026 година.
Што досега се случуваше со иницијативата на „Еквалис“?
Во однос на првичната Програма за служба на заедницата, Радио МОФ уште во 2021 година пишуваше дека „Еквалис“ ја предложи во склоп на тогашната работна група меѓу здруженија и ресорното министерство именувана „Млади МОН“. Првичната идеја беше учениците, преку формалниот образовен систем, да се поттикнуват и ангажираат за да помагаат – да собираат донации за социјално загрозени семејства, да волонтираат за лица со нетипичен развој, за подобрување на родовата еднаквост… И, тоа да го прават преку општествено корисна работа преку ментори.
Со текот на времето и Сојузот на средношколци ја застапуваа иницијативата, како и други организации од групата „Млади МОН“, кои дадоа поддршка кон идејата.
После неколку години застапување, последно од лани беше дека иницијативата најде свое место во Националната стратегија за млади 2023-2027 година, усвоена од Владата. Односно, во акцискиот план на Стратегијата беше предвидено воведување пилот-програма за волонтирање на средношколците во локалната заедница, а за тоа се задолжуваа МОН, БРО со Министерството за труд и социјална политика заедно во соработка со граѓанските организации. Според стратегијата, пилот-програма требаше да се спроведува во 16 училишта, во 8 општини на државата.
Истовремено, „Еквалис“ во својот предлог кон ресорното министерство понуди концепт врз кој оваа програма може да биде реализирана, фонд на часови за волонтирање, како предметот ќе биде оценуван (pass/fail), како и водење на дневници за рефлексија кои рекоа ќе бидат значителен дел од овој процес.
Средношколци преку пилот програма ќе волонтираат во локалната заедница
Во сржта на програмата беше фактот што сите истражувања од изминатава деценија покажуваа дека младите се помалку се ангажираат, не се заинтересирани ниту да помагаат, ниту се одговорни за се’ она што се случува во нивната средина. Исто така, меѓу другото, проблемот е што сите активности и иницијативи поврзани со помагање во локалната заедница се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена. Ваквите проблеми се „заглавени“ во невладиниот сектор, дел од нив завршуваат и како книгички на некоја полица, без долготраен ефект, туку само активни додека заврши проектот. Не дека невладиниот сектор не помага за ангажман на младите, туку работата е да се одвива паралелна едукација и во формалното образование.
Ако некогаш генерации млади граѓани биле поттикнувани да помагаат за пошумување на Водно, да учествуваат во студентски акции за спасување по скопскиот земјотресот, во ударнички акции за изградба на болници и разни објекти, во акции за помош на социјално загрозени… работата е денеска таквиот „мајндсет“ да се создава уште од школо. Да не биде оставено само на наставници ентузијасти, на невладини организации, туку на организиран систем, со корени всадени на локално ниво.
Бојан Шашевски