Во Музејот на Македонија оваа сабота (23 ноември) ќе биде отворена самостојната изложба на фотогтрафии од авторката Јелена Белиќ.
„Изложбата ‘Постоиш ли Алиса?’ на Јелена Белиќ претставува визуелна наратива на едно исклучително патување на портрети во простор каде фотографиите се движат од лик до лик, формирајќи единствена целина во црно бело. Секоја фотографија суптилно и директно комуницира со гледачот, за на крајот – односно, на почетокот – да открие една заедница која патува на аголот на времето. Портретирањето нè носи до возвишеното – каде протагонистите цврсто стојат наспроти белината како една метафора за минливоста на времето и човековата маленкост пред моќта на природата“, соопштуваат од Партизанска штампа, колектив каде дел е и самата Белиќ.
Од таму објаснуваат дека фотографиите од изложбата се реализирани во рамки на сетот за краткиот црно-бел нем филм на „Колектив Ветерница“ и „Трисомија 21“ со работен наслов „Чуда во земјата на Алисите“ сниман од 15-ти до 18-ти јануари 2023-тата година во фоајето на Македонската Опера и Балет.
„Инспирирана од принципот на мултиплицирање на ликот на Алиса, задржувајќи ја сценографијата, костимографијата, шминката и актерите на филмот, авторката застанува надвор од целото сценарио и во соработка со целиот тим наместо документирање позади сцената создава своја приказна спроти камерите, во која прави сублимат помеѓу архитектурата, фотографијата и човекот“, соопштуваат од Партизанска штампа.
Во изложбата се вклучени портрети на 18те членови на инклузивниот ансамбл на „Колектив Ветерница“ и тоа Маша Блажева, Матеј Петровски, Нана Танеска, Елизабета Петковска, Филип Ангеловски, Ана Јовановска, Ена Ковачевска, Софија Поповска, Марио Мицкоски, Стефан Трпковски, Кристина Петровска, Мартин Манчевски, Маша Блажева, Матеј Петровски, Ена Митревска, Нана Танеска, Оливер Блажевски, Матеј Аларов, Ирина Прокопиева, Коста Аризанов. Костимографијата е на Магдалена Таневски и Ангела Бикова, додека шминката е на Моника Грковска.
Филмот „Чуда во земјата на Алисите“ е во фаза на постпродукција и наскоро се очекува негова премиера.
Инаку, Јелена Белиќ работи како архитект, а паралелно се занимава и со фотографија и цртање. Била официјален фотограф на различни културни настани во Скопје каде што и живее. Активен член е на колективот Партизанска Штампа.
„Постоиш ли Алиса?“ е нејзина втора самостојна изложба и ќе биде отворена за посета до 5 декември.
Оваа изложба е поддржана од Министерството за култура, Музејот на Македонија, Партизанска штампа и Колектив Ветерница.