Одбележан Светскиот ден на социјалното претприемништво: Приказните на младите претприемачи се инвестиција во заедничка иднина

АРНО, водечка организација за поддршка на социјалното претприемништво во регионот, го одбележа Светскиот ден на социјалното претприемништво и петгодишнината на програма RISE (Regional Incubator for Social Entrepreneurs) со настан во Центарот за социјални претпријатија во Скопје. На настанот учествуваа млади социјални претприемачи, дипломати, национални поддржувачи и регионални партнери.

„Програмата RISE, заедно со своите десет партнери, 5 години обезбедува поддршка на млади од Западен Балкан кои имаат идеи за бизниси кои прават добро на заедниците и животната средина. Во изминатите години, програмата RISE постигна импресивни резултати: поддржани се 508 млади социјални претприемачи, инкубирани се 48 социјални бизниси, а преку програмата за мобилност 43 тима имаа можност да ја зајакнат регионалната соработка. На национално ниво, 20.000 евра се инвестираа во прототипирање на македонски социјални бизнис идеи: градинка на отворено во Штип, онлајн еко платформа, инклузија преку фудбал, безглутенска пекарница и други.   Овие резултати покажуваат дека социјалното претприемништво во регионот има голем потенцијал“, велат од АРНО.

Како што информираат од АРНО, настанот се отвори со говори и заложби за социјалното претприемништво од Фатмир Сабриу – државен секретар во Министерството за социјална политика, демографија и младински прашања, Филип Маршето- прв советник во Француската амбасада, Кевин Мас- претставник од германската амбасада, Владимир Ѓорѓевски од РИКО, Марко Ѓорѓиевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ардита Јола од  РИКО, и Клои Лепаж од RISE.

Панелот, кој вклучуваше млади претприемачи, имаше уникатен формат на „Жива библиотека“, каде се споделија лични приказни на учесничките од програмата RISE. Публиката слушна за производството на био кожа од чајот комбуха, собирањето на кори од портокал за еко-освежувачи, кетеринг служба на три сестри од Неготино со голема социјална мисија.

„Овој јубилеј не е само прослава на пет неверојатни години“, изјави Ирина Јаневска од АРНО. „Тоа е ветување за продолжување на поддршката. Социјалното претприемништво е движење, светско движење кое има се поголем моментум. Затоа и го славиме денес, низ цел свет. Слушнете ги приказните на младите социјални претприемачи и ќе сфатите дека ова не е тренд, ова е инвестиција во наша заедничка иднина. Еве, ние имаме сегашност, со скормни примери на успех, но и обврска да продолжиме да мотивираме, образуваме, помагаме. Сите ние, не само АРНО. Заедно, здружено“, посочи Јаневска.

Настанот исто така вклучуваше поп-ап изложба на производи и услуги развиени од зелени и социјални претпријатија од програмата- медицински печурки, друштвени игри од пренаменети материјали, интерактивни игри за донирање и други.

Инаку, RISE програмата верува во талентот и иновативноста на младите од Западен Балкан и ги поддржува да го остварат својот потенцијал и да ги водат промените во нивните заедници.

„Преку регионалните активности, проектот придонесува и за промовирање на социјалното претприемништво во Западниот Балкан како алатка за економско вклучување, градење мир и зајакнување на социјалните врски во и меѓу земјите“, информираат од АРНО.

Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија. RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка(RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group) и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), аимплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).

„Социјалното претприемништво поттикнува глобалната промена, со проценки кои сугерираат дека постојат 10-11 милиони социјални претпријатија во Европа и до 30 милиони претприемачи кои придонесуваат со околу 2 трилиони долари во светскиот БДП (Шваб Фондација, 2024; Британски совет, 2022). Социјалните претприемачи се фокусираат на решавање на критични општествени и еколошки проблеми, нудејќи решенија кои директно придонесуваат за заедниците, додека генерираат одржлив приход. Иако има сè поголемо влијание, секторот се соочува со предизвици, вклучително со ограничен пристап до финансирање, развој на капацитети и квалификувана работна сила. Социјалните претпријатија често зависат од само-финансирање и се борат за видливост и поддршка. Поддршката од владини програми, донатори и медиуми е од суштинско значење за поттикнување на растот и создавање поволни услови за развој на социјалното претприемништво“, информираат од АРНО.