„Јавен превоз, не јавен хаос“ е мотото на протестот на Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), кое за денеска повикаа на обединување на студентите.
Протестот на студентите е предвидено да започне пред Стата Пошта во 14 часот, а потоа тие во 14:30 часот ќе се упатат кон Град Скопје, каде претходно на протест повика и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Од УСС УКИМ велат дека по испратениот ултиматум и спроведената анкета на која одговориле 3.568 студенти, 85% од нив во последните денови чекале автобус повеќе од 15 минути, а 66,7% од нив, чекале автобус над 20 минути.
„Дополнително, 93,6% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 66,7% од истите воопшто не се задоволни од истиот. Затоа, по добиените бројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржување на колоквиумска недела и предавања при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во која што се наоѓа градскиот превоз (нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки), која секојдневно го нарушува студенскиот стандард, УСС УКИМ ве повикува да го искажеме нашето незадоволство поради недостигот на квалитетен јавен градски превоз на протест!“, стои во повикот на УСС УКИМ.
Дополнително, испраќаме силен апел за, како што велат, воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот тим во предизборната програма, но и од страна на претходните градоначалници.
Конкретно, студентите бараат продолжување и финализирање на проектот за „Bus Rapid Transit“. Понатаму, воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, но и отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти Јужен Булевар, бувеларите „Хрватска“ и „Србија“, мостот кај хотел „Русија“, продолжување на булеварот „Климент Охридски“ преку Вардар, под Кале до булеварот „Никола Карев“, како и продолжување на булеварот „Илинден“, Источна обиколница.
Воедно, студентите бараат и набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, како и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.
„Скопје и студентите заслужуваат функционален превоз, а не хаос! Дојди, поддржи и бори се за промени!“, се вели во повикот.
Инаку, Советот на Град Скопје вчера одржа вонредна седница поради состојбата со автобусите во главниот град. Координаторите на советничките групи постигнаа консензус и донесоа заклучок со која ја поздравија одлуката Владата, која, пак, вчера на итна седница одлучи да прогласи кризна состојба и да му даде нафта на ЈСП „Скопје“ за следните седум дена од државните резерви. Истовремено, Владата побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
Последно, директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски за МИА денеска рече дека автобускиот сообраќај е нормализиран. Тој вели дека количините на нафта не се испорачани целосно, туку сукцесивно, но сепак, испораката сега за сега е доволна.
„Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат“, рече Кушовски, откако синоќа потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров.