Најмалку едно лице загина и три други се повредени откако товарен авион рано утринава се урна во близина на аеродромот во Вилнус во Литванија, пишува „Би-Би-Си“.
Боингот 737 упатен од Лајпциг и управуван од шпанската карго авиокомпанија „Свифтаир“ се сруши во близина на куќа додека бил пред слетување, соопштија локалните власти.
Според досегашните податоци, авионот тргнал од центарот на ДХЛ од аеродромот во Лајпциг веднаш по 03:00 часот по локално време и се урнал час и половина подоцна.
Пожарникарите се справуваат со чад што доаѓа од зграда на 1,3 километри северно од пистата на аеродромот, пишува „Ројтерс“.
Причината за несреќата е непозната, а литванските власти започнаа истрага. Тие изјавија дека засега немаат никакви податоци што укажуваат дека имало експлозија пред несреќата.
Шефот на литванската противпожарна и итна помош соопшти дека едно лице од екипажот починало и дека куќа во близина на несреќата била малку оштетена, но сите 12 станари се безбедно евакуирани.
Авионот бил стар 31 година.