ЕУ има нова Директива за квалитетот на амбиентниот воздух која ја донесе пред месец дена. Во неа ги менува граничните вредности за загадувачките супстанции и доаѓа некаде на пола пат до вредностите зададени од СЗО, соопшти еко-организациата „О2 Иницијатива“.
Од таму велат дека до 11 декември 2026 година земјите на ЕУ треба да ги достигнат досегашните зададени вредности, истите кои ги имаме и ние.
Новите стандарди, нагласуваат еко-активистите, треба да се достигнат до 1 јануари 2030.
„Новата Директива бара воведување и на компензација поради штетните последници на аерозагадувањето врз здравствената состојба на граѓаните, во случај да не се спроведат одредбите во дадените рокови. Воедно, се бара државата да не го направи процесот невозможен или претерано тежок“, посочуваат од „О2 Иницијатива“.
Исто така, велат дека се бара и воведување на казни кои ќе бидат ефикасни, пропорционални и одвраќачки, за неспроведување на законските одредби и роковите.
„Ние, скоро на почеток од 2025, сме далеку од сегашните зададени вредности, а како ли ќе ги достигнеме новите со ова темпо на (не)решавање на аерозагадувањето? Секоја влада зборува дека треба време да се реши овој проблем, но ние никако да посведочиме на негово решавање. Нема континуитет и редовно вложување во точни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето во најбрз можен рок. Ниту има точни мерки од претходните, а ни од оваа влада, ниту пак има соодветни вложувања. А се работи за нашето здравје и право на живот“, забележуваат од „О2 Иницијатива“.