Здружението „Икуалити“ на 22 ноември го спроведе и Четвртиот менторски форум за млади лидери од Општина Куманово, во рамки на проектот „Зен 2.0 Караван – Млади лидери на заедниците”.
На форумот учествуваа млади на возраст од 16 до 24 години, ученици и студенти од општинските средни и државни високо-образовни институции.
„Младите лица – учесници од различна припадност и пол проследија три обуки: за јавно себепрезентирање, се здобија со корисни вештини и информации за алатки за самозастапување, како и се запознаа со методи за одржување на балансот помеѓу физичкото и менталното здравје“, соопштија од Здружението.
Младите учесници од Куманово во периодот кој следи ќе делуваат како неформална група со задача да создава позитивни општествени промени, користејќи ги стекнатите вештини и искуство.
„За таа цел во наредниот период ќе се насочат кон избирање на еден суштествен и значаен проблем од интерес за нив – како млади лица, но и за сите граѓани на општината и со поддршка на менторите ќе се обидат да предложат и спроведат решенија за истиот“, велат од „Икуалити“.
Оттаму посочуваат дека по форумите во Аеродром, Гостивар, Битола и Куманово, Зен 2.0 караванот продолжува со подготовките за делување во Општина Струмица и понатаму иницирајќи соработка со организации кои работат во областа на младински прашања, како и со локалните власти со цел остварување на предложените решенија.
„Повикот за млади лица – учесници од Општина Струмица ќе биде објавен во почеток на месец јануари 2025 година“, посочуваат од „Икуалити“, дополнувајќи дека повеќе информации и содржини може да се видат ТУКА.
Фото: „Икуалити“