Јавниот транспорт во Скопје се поднови со шест еколошки автобуси донирани од Европската Унија

Шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас доби Град Скопје, како донација на Европската Унија во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“. Проектот кој меѓудругото опфаќа и други активности цели кон намалување на штетните емисии на градот, како дел од континуираните напори за справување со загадувањето на воздухот и заштита на животната средина.

Активноста која се реализира денеска е дел од проект вреден 10 милиони евра, а ќе помогне за намалувањето на загаденоста на воздухот, рече Амбасадор на Европската Унија Михалис Рокас.

„Тоа е навистина сериозен еколошки проблем кој почнуваме да го почуствуваме веднаш, со самиот почеток на грејната сезона и овој проблем веќе го зема данокот со години врз здравјето на самите граѓани“, рече Рокас.

Проектот кој се реализира, тој посочи дека ги опфаќа и градовите Битола, Куманово и Тетово, кои, како што рече, се едни од најпогодените градови од аерозагадувањето.

„Транспортот, како што веќе ви е познато, игра главна улога во нашите економии и општества, им овозоможува на самите луѓе да можат да среќаваат, добрата и услугите да можат да бидат испорачувани, на тој начин директно придонесувајќи за подобрување на животот на сите. Меѓутоа истовремено, транспортот исто така е одговорен за големо количество на емисии на јаглерод диоксид кој што го пуштаме во самата атмосфера“, рече Рокас.

Михалис Рокас / фото: УНОПС

„Самото решавање на оваа дихотомија служи да се охрабрат што повеќе граѓани, да можат на редовен начин да го употребат јавниот превоз, наместо поединечни возила. И за да се направи тоа, мора да го направиме јавниот транспорт колку што е можно помалку да загадува. И токму тоа е причината и целта на денешниот проект кој што го промовираме денеска, со обезбедување на овие шест автобуси, целта на Европската Унија е да даде приоритет на потребите и на самата удобност на граѓаните кои што го користат, меѓутоа исто така и се потпираат на јавниот транспорт“, додаде тој.

Што повеќе луѓе одбираат да го употребуваат јавниот транспорт, толку поголеми се шансите да ја зачувуваме животната средина, меѓутоа исто така и да ги подобриме животните услови, посочи Рокас, додавајќи дека штом е поголема зелената мобилност, градот ќе може да дише подобро.

„Нашата цел е да го претвориме Скопје, меѓутоа и другите градови во живописни места, не само за колите, туку исто така и за самите граѓани. Мислам дека не треба да очекуваме сите веднаш да се качат на автобус утредента, меѓутоа мислам дека кога е вистинско време, кога системот ќе биде подобро опремен, ова ќе се случи“, истакна Рокас.

фото: УНОПС

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна дека донацијата на автобусите е само една од активностите кои се предвидени со проектот и со која директно се делува на еден од детектираните извори на загадувањето.

„Со збогатување на возниот парк на ЈСП Скопје, ги подобруваме условите за користење на јавниот превоз од страна на граѓаните. Ова активност доаѓа во вистинско време, бидејќи со почеток на грејната сезона и промена на временските услови, се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот, што директно влијаат врз здравјето на луѓето“; рече Меџити.

Истовремено, тој рече дека иако Министерството и Владата работат во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, како што рече, оваа година проектирале и низа дополнителни, конкретни активности и ги насочиле сите расположливи ресурси во преземање конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагадувањето.

Тој потсети и дека во план е да се набават 100-120 електрични автобуси за потребите на општините и за градот Скопје.

фото: УНОПС

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска рече дека ѝ претставува голема чест и задоволство што денеска има шанса да се презентира нешто што смета дека е, како што рече, голем успех за градот Скопје, додавајќи дека тоа е едновремено и доказ дека градската администрација, кога не е блокирана од никого, навистина е способна да спроведе нешто, кое е од бенефит и за Скопје и за Македонија.

„Она кое што денеска го гледате е донацијата која што ја добиваме со силната и безрезервна поддршка од Европската Унија и шест еко автобуси се оние кои ќе бидат во можност нашите граѓани да ги гледаат низ градот Скопје и да се возат со нив, со надеж дека ќе ги поттикнеме сите оние останати чинители кои што во советот на градот Скопје треба да гласаат, досега да имавме уште 250 вакви автобуси, ќе ги поттикне чекорот да го направат што е можно поскоро, а ако не, можеби на следната седница на Советот на Град Скопје“, рече Арсовска.

Таа истакна дека проектот е навистина значаен за градот, заради тоа што во вториот сегмент, градот како донација од ЕУ ќе добие 3.000 садници, од кои првите 1.000 садници, како што најави, ќе бидат засадени во мегапаркот во Општина Карпош, кој е во трета фаза на изградба.

„Истите ќе бидат засадени токму сега, во оваа сезона на садење, при што се надеваме дека во сезоната во март ќе успееме да ги засадиме и останатите 2.000 садници кои што треба да пристигнат од страна на Европската делегација, како нивна дополнителна донација. Во рамки на овој проект, има и сегменти кои што придонесуваат за чистиот воздух во градот Скопје, за подигнување на квалитетот на нашите сограѓани, меѓутоа секако учеството на сите институции во процесот е навистина важен, и морам да напоменам дека и покрај тоа што на територијата на Град Скопје, покрај градот Скопје има уште 14 институции кои што можат активно да работат во справувањето со загадувањето, градот Скопје е оној кој што можам со сигурност да потврдам дека е можеби најсилниот поборник за тоа да се справиме со ова кое што во моментов ни се случува“, рече Арсовска.

Од друга страна, пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски и министерот Меџити најавија дека Владата ќе набавува од 100 до 120 електрични автобуси. Како што најавија тие, тендерот ќе се распише до крајот на годината, а автобусите ќе бидат доделени како донација на јавниот транспорт по општините, а особено во урбаните средини.

Проблемите со јавниот превоз во изминатиов период беа во голем фокус на јавноста. Тоа следеше откако ЈСП Скопје остана без нафта, а со тоа Скопје остана речиси без јавен превоз. Владата по ова одлучи да прогласи кризна состојба и да му позајми на ЈСП нафта за седум дена од државните резерви. Минатата недела се одржа и протест поради проблемите со јавниот превоз пред Град Скопје, кој беше инициран од градоначалникот на Општина Шуто Оризари, а на кој се приклучија студенти, средношколци и граѓани од Скопје.

Мартин Колоски