Димитар Атанасовски, редовен студент во трета година на Педагошки факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на тајно гласање на конститутивната седница на Универзитетското студентско собрание е избран за негов претседател.
„Атанасовски по изборот, покрај огромната благодарност што ја упати до сите членови на УСС, изјави дека чувствува задоволство да соработува со ситe студенти од УКЛО и подготвеност да се вклучи во активности што ќе придонесуваат за унапредување на студентскиот стандард кој секогаш може да биде подобар, соопштија од Универзитетот.
„Покрај со студентите од УКЛО, ние како ново раководство на УСС ќе соработуваме и со други факултетски и универзитетски студентски собранија во државата и странство, особено со студентските организации од КОЛОРС Алијансата, во којашто нашиот УКЛО е член и дава свој придонес“, изјави студентот.
Од УКЛО информираат дека Атанасовски и пред изборот за студентски лидер на остварувал плоден студентски ангажман како претседател на Факултетското студентско собрание, активно учествувал во бројни настани и манифестации на УКЛО и во КОЛОРС и бил член во Универзитетскиот сенат.
На седницата што се одржа на 22.11.2024 г во Ректоратот на УКЛО, избрани се и членовите на органите на УСС УКЛО и воедно, делегирани се претставници од студентите во органите и телата на Универзитетот: Ректорската управа, Универзитетскиот сенат и постојаните Комисии на Универзитетот.
Претходно, функцијата студентски лидер на УКЛО ја извршуваше Борис Гушевски од Техничкиот факултет – Битола.
Фото: УКЛО – Битола