Студентската изложба насловена „Збирка“ ќе биде отворена утре, 28 ноември, со почеток во 19 часот во галеријата на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје – објект Педагошка.
На изложбата ќе бидат презентирани 24 дела од студенти на ФЛУ од катедрите за сликарство и трансмедиумски практики, скулптура и трансмедиумски практики, графика и трансмедиумски практики и ликовна педагогија. Делата што ќе бидат изложени се изработени во различни техники, од молив на хартија, акрил на платно, масло на платно, акварел, комбинирани техники на платно, хартија, панел, картон, лесонит, графики изработени во техниките линорез и сува игла.
„Со оваа изложба им се дава можност на студентите да ги изложат своите дела кои ги сработиле во рамките на практичните студии и едукација на Факултетот. Со изложбата воедно им се посакува добредојде на бруцошите на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ“, истакнуваат од ФЛУ.
Изложбата е во организација на Факултетското студенското собрание (ФСС), во соработка со ФЛУ и Универзитетското студенско собрание (УСС).