Сексизмот и мизогинијата не само што создаваат толеранција кон домашното насилство туку се и негови активни двигатели.
Еден од најзначајните увиди кои се направени во мировните студии е следниов: убедливо најдобриот предвидувачки фактор на мирот во една земја не е нивото на богатство, квалитетот на демократијата ниту етно-религискиот идентитет, туку тоа како жените во неa се третирани. Обратно, повисоки нивоа на родова нееднаквост и родово-базирано насилство се поврзуваат со поголема ранливост на војна и повисоки нивоа на насилство во конфликти. Популарната дефиниција на мизогинијата како омраза кон било која или кон сите жени, само бидејќи се жени не дава контекст, објаснување, ниту опис на овој сеприсутен феномен.
Во оваа прилика, ќе одзумираме од бруталните примери на мизогинија моментално актуелни во медиумите – и следствено, во нашето секојдневие – и ќе се задржиме на две важни корелации. Прво, кратко ќе фрлиме светлина на улогата на мизогинијата во домашното насилство – табуизираната болест на нашето општество – за потоа да влеземе во разгледување како мизогинијата го трасира патот кон експлицитно идеолошките и насилно практицирани светогледи кои ја исклучуваат различноста, т.е. кон процесот на радикализација на поединецот.
Мизогинијата е општествен механизам на патријархатот
Пред сè, есенцијалната работа што треба да биде воочена е дека сме на сосем погрешен траг ако мизогинијата ја сведуваме на индивидуална психопатологија. Според истражувачката Кејт Ман (на чии увиди ќе се базира воведов) ваквата „наивна концепција“ за мизогинијата како индивидуална емоција – „фобија или длабоко всадена аверзија“ кон жените – не само што би било тешко да се дијагностицира, туку и нè одвраќа од алатките за нејзино промислување и им скратува на жените да го именуваат она со што се соочуваат. А тоа е дека мизогинијата е системска, предвидлива и поддржана манифестација на идеологијата што ги води општествените релации на моќ – патријархатот.
Имено, аналогно на третманот на антисемитизмот и расизмот кои не се гледаат како психолошки мотивирани непријателства туку како разгранети и нијансирани системски практики на дискриминација и опресија кои треба да се размонтираат со помош на општествени алатки – мизогинијата е токму ним сродна општествена, т.е. политичка практика. Всушност, Ман луцидно ја објаснува мизогинијата како гранка која спроведува присилба кон законот на патријархатот, „полициско“ придржување кон „редот“, казнивост.
Мизогини се практиките кои ги задржуваат жените во фактичка или симболичка подреденост во која било општествена релација; подложени на мизогини испади стануваат оние жени кои се перципирани како отстапувачки или прекршувачки на зададените норми.
Домашното насилство како проблем на заедницата
За да илустрираме како мизогинијата е влез кон пошироки дискриминаторски ставови и насилни наративи и практики, ќе започнеме со нејзините ефекти во најтесните клетки на општеството, семејствата. Во случајот на домашното насилство веднаш се судираме со концептуална дилема слична на погоре опишаната „наивна концепција“ – дали домашното насилство е „домашно“ – заклучено во доменот на приватните релации и личната нетрпеливост т.е. дали е тоа недопирливо за концептот на мизогинијата како општествен феномен? Одговорот е дека тоа тргнува од и е овозможено од нееднаквите позиции на моќ помеѓу мажите и жените.
Кога на жената, според (сексистичките) традиционални родови улоги и` е доделена покорна положба, перципирана е како помалку вредна и помалку способна од мажот и е доживувана единствено релационо и во функција на неговите потреби, таа станува легитимен таргет во очите на насилникот. Понатаму, истрајната нееднаквост во животните можности и сексистичкиот притисок од околината на крајот ја поставило жената во економска и социјална зависност од мажот поради што има многу ограничени потези за делување (што е една од главните причини поради кои жените остануваат во насилни релации).
Оттаму, самата насилна релација не е родена во границите на конкретната лична релација помеѓу насилникот и жртвата, туку е зачната во сите овие социјализирачки обрасци и механизми на принуда. Сексизмот и мизогинијата не само што создаваат толеранција кон домашното насилство туку се и негови активни двигатели, со што го прават одлика на патријархалното семејство.
Во таа смисла, вреди да се спомене кривичното дело фемицид, чие квалификување, според „Прирачникот за правосудството за постапување во случаи на фемицид“ воопшто не е арбитрарно, како што се сомневаат противниците. Суштинскиот релевантен пристап е дека ова КД не е изолиран настан и дека е „потребно е да се согледа специфичноста на контекстот во кој е извршен[o]и евентуалната претходна историја на насилство“.
Мизогинијата како влезен наратив кон радикализација
Во последниве години некои перцептивни истражувачи и новинари забележале една индикативна заедничка особина во индивидуалните криминални истории на мажи кои сториле дела на насилен екстремизам во западните земји (без разлика дали биле десно или лево ориентирани)– речиси сите имале документирана историја на вршење домашно насилство. Едно истражување во три азиски земји покажало дека поддршката за насилство над жените и непријателските сексистички ставови се посилни предвидувачи за поддршка на насилен екстремизам од религиозноста, типично сметана за еден од водечките фактори. Познато е и дека партиите на крајната десница – од Alternative fur Deutschland (AfD) до унгарската Fides и Front National во Франција – ги привлекуваат мажите со ветувањето за субмисивноста на жените во домашните улоги.
Идентификуваната врска со домашното насилство никако не значи дека секој домашен насилник ќе продолжи да напредува по континуумот на насилството (ниту дека треба да биде етикетиран како екстремист), но ја потенцира веројатноста, дури извесноста, за раст и перпетуирање на омразата кога е таа допуштена и нормализирана. Со други зборови, тврдењето не е дека екстремизмот потекнува исклучиво од мизогинијата, туку дека таа претставува негов составен дел и со тоа, фактор на сигурносен ризик чија тежина, во најмала рака, не треба да се занемарува.
Повеќе истражувачи ја идентификуваат мизогинијата како влезен наратив, поттикнувач и ран сигнал за радикализација. Иако таа предничи во патријархалното општество, поупадливо е присутна во идеологијата и практицирањето на екстремистите. Мизогинијата е заедничкото, не само на разновидните групи на крајната десница, авторитарните режими и групите во маносферата во западниот свет, туку и на христијанските и муслиманските екстремисти низ Западот, Африка, Блискиот Исток и Азија.
Мизогинијата е во симбиоза со екстремизмот во случаите на мажите-поединци во САД (често припадници на инсел-идеологијата) кои извршија масовни убиства во кои главно таргетираа жени и кои треба да бидат окарактеризирани како терористички чинови; во групите посветени на идеологии кои систематично промовираат и практицираат родово базирано насилство како форма на социјална контрола, како оние поврзани со религиски фундаментализам и крајно-десничарските илиберални влади; преку идеолошкото ширење мизогини наративи во онлајн просторот и онлајн насилството врз жени (како доксингот).
За феномените на радикализацијата и насилниот екстремизам нема унифицирани дефиниции и тие се среќаваат со варијации во различни документи. Радикализацијата може да се определи како динамичен процес на стекнување и развивање екстремистички ставови, што не значи и дека поединецот ќе делува по нив. Различни поединци може да бидат во различни стадиуми од процесот на радикализација и со тоа да имаат повеќе или помалку екстремни ставови. Екстремизам е уверување дека успехот или опстанокот на внатрешната група е неодвоив од потребата за непријателско делување против надворешна група. Насилниот екстремизам генерално се однесува на дела на насилство кои оправдуваат некаква верска, општествена или политичка идеологија.
Имајќи предвид дека патријархалниот насилен импулс тргнува од внатрешна несигурност и себевалидирање преку доминација (поради загрозената хегемонистичка машкост), лицата кои се залагаат за рестриктивни ставови кон родот се поподложни на системи на верување кои го интегрираат тој елемент. Штом тој праг се премине, да се примени истата идеолошка рамка и на други категории на различност (национализам, расизам, хомофобија, трансфобија) станува далеку полесен чекор, па „додатната изложеност на понатамошни наративи влијае за тие луѓе постепено да се радикализираат“. Во таа смисла, темата на родовата еднаквост е идентификувана како „влезен наратив“ кој ги привлекува луѓето да влезат во одредени групи и кругови без да бидат свесни дека тие се десничарски или екстремистички.
На пример, впечатливо е дека паранојата околу ниската стапка на раѓање е честопати првата точка на согласување на која се ослонуваат регрутерите на бели надмоќници – разговорот за рестрикцијата на репродуктивните права е нивната клучна алатка за поврзување со младите (бели, христијански) мажи онлајн. Всушност, распространетите верувања за „биолошката судбина“ на жените и за „иднината на нацијата (и на расата) [која] лежи во матката“, е легитимизирачка премиса за мизогинија не само во идеологиите на религиски екстремизам, фашизам, бела надмоќност, туку и во „регуларниот, секојдневен“ национализам. Националистичкиот императив (на кој се темелат фашистичките идеологии) – силно присутен и помеѓу македонските крајни десничари – дека нацијата и природата се неодвоиви, во пракса се однесува на инсистирањето на генетската или „изворната“ „чистота“ на заедницата сфатена преку категоријата нација, и опсесивната фобија дека таа може да биде корумпирана однадор.
Екстремистичките групи добро ја разбираат динамиката и манипулираат со родовите норми и стереотипи во своја корист во регрутирањето и во пропагандните пораки. Распростратеноста на токсичната машкост честопати се користи во сликата на стереотипен, а сепак пожелен, начин на живот за мажите, кој навидум може да се оствари само со пристапување во одредена екстремистичка група.
Интересен пример од регионот за темата на женските права како „јадица“ за регрутирање доаѓа од Босна и Херцеговина и истражувањата на екстремистички наративи на социјалните мрежи таму. Имено, Босна, како и другите земји од Западен Балкан, е оптоварена со предизвиците на етно-национализмот што го промовира крајната десница, вклучително и верските екстремисти.
Па така, иако би се претпоставило дека идеите со кои се велича насилниот екстремизам и нетрпеливоста кон другите етнички заедници се најмногу пропагирани на онлајн платформите што ги користат екстремистичките групи, всушност најприсутни се идеите дека жените треба да бидат послушни и достапни на мажите, а дека овие треба да ги издржуваат своите сопруги. Селефиските инфлуенсери, кои во Босна се силно активни и влијателни, на социјалните мрежи не се бават со крупни идеолошки прашања туку со микро-секојдневието и со наводи како треба да живеат мажите и жените.
Со тоа тие очигледно пополнуваат агол на интерес и потреба за ориентација на младите – прашањата на интимните релации, на пример – кој воспоставените општествени механизми (како образованието) не го адресираат соодветно.
Од друга страна, групи како ИСИЛ (Исламска Држава на Ирак и Левантот) се многу помалку суптилни во користењето на мажественоста во пропагандата, и прикажуваат борци како хипермажествени бранители на верата и на заедницата опкружени со атрибути на богатство и сексуално задоволство. Прифаќањето и употребата на насилството одговара на машкиот етос на физичка снага. Крајните десничарски есктремистички мрежи често се обраќаат користејќи историски наративи за времињата кога „мажите биле мажи“ и се бореле на боиштата.
Важно е да се увиди исповрзаноста на разните анксиозности на екстремистичкиот светоглед. Во западниот свет, популарната терија на заговор за Големата замена ги обединува – и со тоа ги оправдува – мизогинијата со ксенофобијата и со расизмот, а особено со исламофобијата. Ваквото врзување делува како мултипликатор на радикализацијата. Оваа теорија се состои од убеденоста дека тековите на имигранти (главно од Блискиот Исток) не само што од корен ќе го променат генетскиот, културолошкиот, историскиот и секој друг профил на Европа и на Северна Америка (како супериорни „бели“ и христијански цивилизации), туку и дека се смислено организирани за да ги истребат и да го заземат нивното место на оваа географска територија. Денес оваа теорија е експлицитно влезена и во главнотековниот политички дискурс. Примарниот притисок во конципираната стратегија за одбрана од ваквата закана паѓа врз жените, чија одговорност е со максимален интензитет да ја обновуваат нацијата за да го реверзибираат процесот на „замена“.
Интересно е и дека доста десничарски актери се потпираат на фемонационализмот кој под плаштот на наводен феминизам и женски права се обидува да мобилизира од редовите на симпатизерите на прогресивните родови политики, а во полза на анти-имиграциските цели.
Конечно, во современата култура на богат виртуелен живот постои интернет-универзумот на маносферата – вебсајти, блогови, онлајн форуми, кајшто разни категории на мажи се социјализираат преку промоцијата на мажественост, мизогинија и антифеминизам. Маносферата е како турли-тава од наративи на омраза. Социјалните мрежи што секојдневно ги користиме темелно го олеснуваат пристапот до и прифаќањето на десничарските наративи. Тие функционираат како ехо-комори т.е. пласираат персонализирана содржина врз основа на претходно (макар сосем слабо) изразените интереси на корисникот, со што го вовлекуваат се` подлабоко во вртлогот на сродни наративи дизајнирајќи ја неговата онлајн околина.
Со оглед на тоа што овие алгоритми не нудат алтернативи, ова радикално ја стеснува и ја деформира перцепцијата за реалноста и ги прави корисниците се` попосветени на екстремистичката призма што им е презентирана, што е засилено со чувстото на припадност и другарство индуцирано во виртуелните простори.
Креаторите на политиките гледаат интуитивни, но нејасни врски
Иако на поврзаноста на мизогинијата со радикализацијата и со насилниот екстремизам се` повеќе се дискутира, тоа бавно се пренесува и во областа на политиките. Поврзаните безбедносни политики остануваат релативно симплистични и повеќе обрнуваат внимание на бројноста на жените отколку на родовите односи на моќ, што може да води до неадекватни мерки. Едно истражување на ОБСЕ во кое се спроведени интервјуа со различни профили на практичари на јавни политики (вклучително и од граѓанскиот сектор) покажува дека креаторите на политиките „гледаат интуитивни, но нејасни врски помеѓу насилната мизогинија и радикализацијата и насилниот екстремизам“ и неадекватни теориски и емпириски алатки. Фактот што овој проблем има интерсекторска природа дополнително го отежнува бидејќи е тешко да се најдат стручњаци што ги познаваат двете полиња.
Примери за обиди за интеграција се неодамнешните планови на Велика Британија за вклучување на насилната мизогинија во рамки на Националната програма ПРЕВЕНТ, што е програма за рано интервенирање за превенирање на радикализација и рехабилитација. Во регионов, под притисокот на граѓанскиот сектор, Босна и Херцеговина во последната Стратегија за борба против тероризмот (2021-2026) за прв пат ја интегрираше родовата компонента, третирајќи ја мултидимензионално и комплексно.
Имајќи ги овие аспекти предвид, важно е да се потенцира дека тврдото врамување на проблемот на мизогинијата само како безбедносно прашање (секјуритизација), од една страна, или само како родово прашање, од друга страна, се недоволни; и двете може да резултираат во негативни контра-ефекти и да предизвикаат отпор и кај мажите и кај жените. Важно е третирањето на ова прашање да не се сведе само на отпор на неговите манифестации како говорот на омраза, дискриминацијата и насилството, туку да се посветиме на систематско справување со невидливите причини кои првенствено лежат во патријархалниот поредок кој условува нееднаква распределба на моќ.
Затоа, овој текст повеќе повикува на сфаќање на мизогинијата како широк и комплексен општествен проблем, и повикува на повеќе и подлабински истражувања на врските помеѓу мизогинијата и домашното насилство и мизогинијата и радикализацијата, како и на креирање на холистички пристап на јавни политики во третирањето на овие релации.