Меѓународната изложба „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ќе се отвори на 5 декември со почеток во 20 часот во Музеј на современа уметност (МСУ) во Скопје.
Уметници се Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа и во соработка со Метју Фулер. Додека куратори на изложбата се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.
„Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, таа дејствува преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Сензорните технологии влијаат и ги посредуваат начините на кои ние го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот, како и на трагите од нашите постапки“, наведуваат од МСУ за изложбата.
Како што велат оттаму, „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ja воочува естетиката како основна на феноменот на војната.
„Сетилата се клучно место преку кое се проследува војната, притоа станувајќи и нејзини цели. Имено, гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести“, додаваат од МСУ.
Изложбата, појаснуваат оттаму, се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики како евиденција за војната во насока на истражување на поврзаноста помеѓу естетиката и насилството.
„Изложбата прикажува шест проекти кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на начините на разбирањето одредени случаи, воедно приложувајќи евиденција тие да претставуваат и повик за праведност“, посочуваат од Музејот.