[Интервју] Јелена Белиќ: Потрага по свет на чуда кои постојат во сите нас

„Јелена Белиќ е партизанка со објектив. Дење архитект, навечер фотограф, ликовен уметник и цврсто подадена рака. Долги години трпеливо и истрајно го документира и го истражува градот, неговата културна сцена и неговото социјално битисување. Луѓето и просторите се нејзиниот леб и сол“.

Ова се зборови од Ѓорѓи Јаневски, со цел да ја опишат Јелена Белиќ, во текст кон нејзината изложба „Постоиш ли Алиса?“, изминатиот викенд отворена во Музејот на Македонија.

Изложбата на Белиќ, која посетителите можат да ја видат до 5 декември, е една специфична визуелна наратива, патување на портрети во простор каде фотографиите се движат од лик до лик, формирајќи единствена целина во црно-бело.

Фотографиите се реализирани на сетот на краткиот филм „Чуда во земјата на Алисите“, кој Белиќ беше ангажирана да го документира. Се работи за независна продукција во колективно авторство на „Колектив Ветерница“ во соработка со „Трисомија 21“, па оттука и на отворањето на изложбата беше претставен тој солидарен уметнички дух: во Музејот одекнуваше експериментална музика од „Чудата…“ на Јоана Ристеска и Иво Николовски, а посетителите можеа да проследат и аудио репортажа од диктофонот на неуморниот ловец на звук Ѓорѓи Јаневски, како подлога додека се проектираа фотографии од Белиќ.

Впечатливо е и како фотографиите се „прилепија“ со фоајето на Македонската опера и балет каде е снимен филмот, додека самата изложба се надолнува со ентериерот на Музејот на Македонија, музејска установа со историска вредност вгнездена во Старата скопска чаршија, често незабележана поради својата дотраеност и затскриеност.

Но, токму овој „статус“ на Музејот е идеален за она што Партизанска штампа/Колектив ветерница, и сите луѓе што циркулираат во(н) колективот, можат да го претстават во доменот на арт брутот, или DIY (направи заедно) сцената, или онаа уметност што е надвор од рамките на популарната или трендовска култура.

Односно, во случајов, Белиќ да постави уметност – изложбата „Постои ли Алиса?“ што е сублимат од просторни геометрии и црно-бели портрети на една заедница, која гласно зборува без да каже ништо.

Се чини, за оваа изложба сите „коцки“ ти се споија. Од една страна, спојка на твојата љубов кон фотографијата и архитектурата, а од друга – можност да работиш со колектив и екипа со која секојдневно растете, функционирате заемно и солидарно?

Ј.Б: Имам привилегија да работам на многу проекти со колектив на кој се восхитувам, и со секој проект чувството на припадност и доверба кај мене се надоградува. Иако предизвици има многу (условите постојано се менуваат, луѓе исто така, во зависност од проектот, се вклучуваат или не…) важна компонента е солидарноста и да се биде свесен поголемиот дел од денот дека патот во група се оди со брзината на најспориот учесник. „Колективот Ветерница“ постои веќе 15 години, a јас се вклучив некаде во 2020 година. И од првиот настап на инклузивниот ансамбл (кој е спој со здружението „Трисомија 21“) на Плочник, ги следам и фотографирам скоро сите нивни изведби во живо, но ова беше поинаква можност, бидејќи снимањето траеше четири дена и можев паралелно да работам фотографија со актерите кои не снимаат во моментот. Коцките навистина се склопија, целата организација околу филмот, спремни костими и шминка, локацијата, актерите… ми беа ставени на располагање и ми беше дадена слободата да ги вложам сите тие ресурси во мој креативен потфат.

Со оглед дека изложбата е произлезена од сетот на филмот „Чудата во земјата на Алисите“, размислуваше ли на стартот дека фотографиите ќе имаат своја автономна целина? Односно, ќе излезат од филмското сценарио и ќе се претворат во изложба?

Ј.Б: Идејата фотографиите кои ќе ги правам за време на снимањето да не бидат само документирање на процесот, туку посебен проект, ја даде Билјана Димитрова, и тоа додека заедно работевме на припремите за филмот и ги дискутиравме пробните фотографии што ги направив за осмислување на кадрите. Веднаш го прифатив предизвикот и почнав да смислувам концепт независен од филмското сценарио, кој сепак остана тесно поврзан со целокупниот процес кој го поминуваа децата од „Ветерница“ со таа приказна, а беше инспириран од нивната идеја за мултипликција на ликот на Алиса, од нивните цртежи за раскажување на една нова приказна за Алиса.

Ликовите и целата визуелна нарација се во црно-бел колорит. Тоа беше намерно, или идејата дојде отпосле, како би се добил визуелен ефект, особено со објектот на Македонската опера и балет (МОБ)?

Ј.Б: Таа одредница ја присвоив од филмот, кој беше замислен како краток експериментален црно-бел нем филм, и којашто совршено функционираше со костимографијата и шминката. Секогаш кога прифаќам некави „ограничувања“ на почеток на некоја креативна задача, се покажува дека се претвараат во предност и се поттикнувачи на продлабочена потрага по решенија. И секако го имав на ум едно од основните правила во фотографијата, кога се одзема боја, се акцентира скулптуралноста на облиците, и тоа совршено одговараше со она што сакав да го раскажам и со самиот ентериер на МОБ.

Ајде малку да ми кажеш повеќе за твојата фасцинација за МОБ, прочитав дека таа доаѓа уште од студентските денови? Како архитект по вокација, овој волуменски репрезентативен и обликовно експресивен објект, веројатно ти беше посебен мотив за раскажување фото-приказни?

Ј.Б: Да, отсекогаш ми бил фасцинантен, неговата надворешна ненаметливост и начинот на кој израснува од партерот, искршената геометрија, облиците, но и нивната функција да те водат внатре низ просторот, квалитетот на светлината во фоајето преку ден… и тука ќе застанам со ова набројување, зашто може да потрае. Секогаш кога сум била ангажирана како фотограф на настан во тој објект, сум правела и еден тон фотографии од самиот објект. Конкретно за оваа изложба, да се работи во тој простор беше предност, предизвик, но и замка. Премногу е доминантен и препознатливо убав самиот објект, и тешко е да се одолее да не стане тој главен субјект во приказната. Мојата идеја беше да ги искористам неговите квалитети, и да се обидам да го прикажам како некаков имагинативен внатрешен простор на портретираните, како алегорија на пропаѓањето во зајачката дупка и потрага по сопствениот имагинарен свет на чуда кои постојат во сите нас.

Да се вратиме пак малку на филмот „Чудата…“. Во една прилика ми рече дека било возбудливо да се следи целата екипа, бидејќи се работи за трансформативно искуство и колективен труд?

Ј.Б: Низ можностите како фотограф да ја следам нивната работа, учев или се присетував на многу елементарни важни работи, кои се забораваат доколку не работиш со деца или различни групи на луѓе, и тогаш остануваш само во комфортот на својот мал круг и примарната професија. Но екипава, енергијата која ја вложуваат во процесот е заразна, а искреноста на емоциите е навистина трансформирачко чувство. Често пати сум одела дома испразнета од моите „проблеми” кое ме мачеле таа недела, бидејќи некоја нивна борба и вложен труд ми покажале што навистина може да биде вредно кога денот ќе заврши.

Веќе пишував дека филмот „Чудата…“ има поширока улога. Двонасочна. И во форма на култура во доменот на седмата уметност, но и како ангажирана уметност, особено ако се знае дека „Колектив Ветерница“ и дополнително цела Партизанска штампа го движат инклузивниот ансамбл во територии на самоспознавање, со цел учесниците да се ослободат од личното стаклено ѕвоно и да се препознаат како активни општествени творци, но и борци. Оттука, можеби процесот за „Постоиш ли Алиса?“ беше уште подлабок, за да се задржат и овие аспекти и вредности?

Ј.Б: Предуслов за успешен портрет е да се даде простор на портретираниот да покаже што носи во себе и што од тоа сака да открие, што да сокрие. Колку и технички да сум спремна и вешта со фотографската опрема, без активното учество на актерите и без нивниот придонес немаше да има изложба. Имав идеи и скици, давав насоки, но и се трудев да оставам простор некогаш и актерите да ме водат. Децата останаа вклучени до самиот крај, па и ги насловив фотографиите со имињата на карактерите, онака како што тие ги смислија. И затоа оваа изложба навистина е колективен труд, колективна борба за постоење и опстојување во времето во кое живееме сите. Тука сме, и не’ има сите – многу различни Алиси.

Во каталогот за изложбата, во текстот на Билјана Димитрова и Стефан Алијевиќ, пишува дека гледачот открива една заедница, која патува на аголот на времето. Чинам, заедницата што циркулира заедно со Партизанска штампа / „Колектив ветерница“ одамна патува, пробува, бутка, создава културни пракси. Можеби филмот и изложбата се уште една алатка за да се остане на браникот на интегрираните културни пракси?

Ј.Б: Ти благодарам што со толкаво внимание ја следиш работата на Партизанска штампа / „Колектив ветерница“, и се согласувам со сите суштински забелешки во прашањата. Без да влезам во повторување можам само да додадам, во време каде сите сме под една несигурна настрешница, мора без престан да работиме и да ги градиме тие кревки и ендемични заедници, каде важни се групниот придонес, правото да се биде релевантен учесник во културата, како и безбедноста во заедничкиот простор во кој живееме, работиме, создаваме.

На крајот, „постои ли Алиса“? И, дали можеби нејзиното постоење лежи токму во потребата да трагаме и да се бориме за нешто, одново и одново…?

Ј.Б: Постои. И за мене Алиса е симбол на различноста, на потрагата по себе и во себе, и упорноста да се продолжува по патот, да се истрае во борбата, без разлика на неочекуваните места, случки, убавини и препреки. Да се верува во процесот и идеите, иако не секогаш може да се предвидат резултатите.

Бојан Шашевски
Фотографии: Јелена Белиќ