Универзитетското студентско собрание при државниот Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола претходната недела избра нов претседател. На позицијата доаѓа Димитар Атанасовски, редовен студент во трета година на Педагошкиот факултет.
„Првото нешто што го најавив е функционални друшетвени мрежи за информираноста кај студентите и веќе почнавме со имплементација, можете да забележите дека на Инстаграм и на Фејсбук редовно почнавме со објави веќе една недела“, вели тој за Радио МОФ. Социјалните мрежи се прв чекор за работата на студентското тело, зашто како што вели тој „Џабе работиме, ако студентите не знаат за тоа“.
Сè уште не сакаше да ни открива детали од програмата за работа, за која вели дека уште се изработува, а по која тој и останатите членови на собранието ќе се водат во текот на едногодишниот мандат.
„Можам да порачам дека овој состав на универзитетското собрание ќе биде толку активен што сите ќе сакаат да се вклучат, така што може да очекуваат добри промени од нашата работа“, вели тој.
Според него студентите на УКЛО имаат предност што живеат во Битола, кој вели е град на културата, а и секаде се стигнува пешки или со точак.
„Но, имаме многу факултети што се надвор од Битола и тие имаат голем предизвик со инфраструктурата, однсоно логистички за патување и можам да речам дека за нас – најголемиот предизивк е тоа што немаме доволно добар регулиран јавен меѓуградски превоз“, посочува студентскиот лидер.
УСС УКЛО е дел од Националното студентско тело кое се залага за бесплатно високо образование.
„Па, и пожелно би било ако може да се воведе и премен испит повторно. Приемниот испит јас го гледам како квалификација за дали студентот треба да биде на тој факултет, но и тест за самиот студент да види дали сака да биде на тој факултет“, вели Атанасовски.
Смета дека бројот на универзитети во земјава во намалува бројот на студенти на нив, па се јавуваат дефицитарни струки. Но, како позитивен пример го посочува токму УКЛО.
„УКЛО е единствен универзитет,во однос на минатата година, којшто крена во бројка на студенти“, вели тој.
Во неговиот мандат внимание ќе посветат на студентското сполтување.
„Конечно сакаме да правиме студентски забави што многу ни фалат на студентите тука, и ќе правиме разни манифестации во кои ќе се развива студентската сплотеност“, рече Димитар за кои не сакаше да открива повеќе, бидејќи „ќе бидат изненадување за студентите во следниот период“.
Ни кажа дека УКЛО сè уште нема унифициран ценовник за услугите како вадење потврда за редовен студент или уверение за положени испити.
„Ние веќе пуштивме барање и ја разгледуваме ситуацијата како собрание и се надевам дека наскоро ќе имаме решение“, вели студентскиот претставник.
Во следниот период ќе се ангажираат и за патрониот празник и студентска конференција која оваа година за првпат ќе биде од интернационален карактер, со презентации и трудови на студенти од странство кои ќе зборуваат на англиски јазик. Исто, програмата за работа на собранието очекуваат да биде финализирана до декември, за да почнат со нејзина примена за подобрување на стандардот на нивните колеги.
Ангела Бошкоска