Предавањето на архитектот и уметник Андреј Јосифовски – Пијаниста, „Како со улична уметност да се бориме против помодарството и кичот“ ќе се одржи утре (сабота, 30 ноември) во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје со почеток од 19 часот.
„На предавањето ќе бидат споделени сведоштва за процесот на креирање на големи уметнички активистички акции. Авторот ќе нè води низ процесот на осмислување, преку процесот на изработка, па се до процес на инсталација, секако проследени со рефлексии на случувањата по поставувањето и реакциите на јавноста (и полицијата)“, се вели во најавата.
По предавањето ќе биде промовирана и неговата втора книга „Пијаниста – од порано познат на полицијата“ дело и ѕид 2014-2024, која преку анегдоти ја опишува и богато ги илустрира случувањата поврзани со сликањето на мурали и изработката на визуелни поставки. Книгата е конципирана како преглед на избрани дела кои се создавале во последните десет години од творештво на Пијанистот.
Андреј Јосифовски е уличен уметник, доктор на науки, архитект, асистент професор од Белград.
За себе вели: „Јас сум уличен уметник и моите дела по природа се секогаш пред очите на јавноста, пред се затоа што тематски, тие се повеќе или помалку секогаш фокусирани на актуелни, горливи прашања од општо значење. Улиците ги доживувам како крвотокот на градот, без кој нема да има ништо од градскиот живот, сè почнува и завршува таму. Духот на градот е вклучен во неговите улици, а моите дела секогаш се осветлени од тој дух.“
Своите акции редовно го споделува на неговиот Инстаграм профил: https://www.instagram.com/pijanistq/
Андреј Јосифовски докторирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, а во моментов е доцент на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград на Одделот за архитектонски технологии.
Насликал голем број мурали, извел бројни перформанси, скулптури и инсталации во земјата и во странство, а неговото дело е следено од разни еминентни светски медиуми за улична уметност. Изложувал на дваесет и девет колективни и шест самостојни изложби, меѓу кои посебно важни се Face au mur, организирана во Културниот центар на Србија во Париз (Centre culturel de Serbie), Биенале на архитектура во Венеција, каде што го претставил своето дело „Златен контејнер“, самостојната изложба „Пијаниста – пет години на улица“ ѕид и дело во Студентскиот културен центар во Белград, каде што била претставена и неговата истоимена монографија и самостојната изложба „Анѓели на темнината“ во култната галерија „Хаос“ во Белград.