Младите новинари бараат практична работа во образованието и повисоки плати

Подобро образование со практична работа, повеќе неформални програми и повисок финансиски стандард бараат младите новинари – говорници на вчерашната трета вечер на Медиумскиот фестивал Скопје, организирана од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

„Што може да се направи за да се подобри гласот кој ја бие новинарската професија? Како да се привлечат повеќе млади луѓе во новинарството? Кои се најголемите предизвици за младите новинари денес?“, беа дел од прашањата кои модераторката на панел-дискусијата, новинарката Ангела Петровска ги упати до Михајло Донев, Бојана Спасовска и Сара Танаскоска, учесници во Програмата на „ПИНА“ за млади новинари.

„Инспирацијата да запишам новинарски студии дојде од промените кои потекнуваат од новинарите. Тие иницираат решавање на некој, нечиј проблем. Новинарството е професија која му служи на општеството, на вистината, демократијата… или би требало така да биде. Новинарството не смее да биде исполитизирано, да исполнува нечии интереси“, истакна Спасовска, студентка на новинарските студии при Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

На оваа студентска програма пиедесталот е поставен на правните предмети, додека стручните новинарски предмети се изборни и не сите студенти ги ставаат на исто мерило со задолжителните, појасни Танаскоска, која од скоро е дипломирана студентка по новинарство.

„Мислам дека тука беше клучниот проблем – не бевме доволно спремни за работа. Да, имавме теоретски дел, но праксата беше таа која ни фалеше. Таа пракса и менторска поддршка која ми фалеше ја добив во ‘ПИНА’, каде научив многу работи. Тој прв чекор да дојдам таму беше многу тежок бидејќи немав никакво искуство и не знаев потребни работи за новинарството“, појасни младата новинарка.

Сара Танаскоска / Принтскин од преносот на ПИНА

Работите на смерот Новинарство на Правниот факултет не се многу променети во изминатата деценија, потврди Донев – 29-годишен новинар и поранешен студент на оваа насока. Како што раскажа, него најмногу го фасцинирало, во негативна смисла, тоа што новинарските предмети како Радио и Телевизиско новинарско биле изборни. Има Вовед во право, но нема Вовед во новинарство и доколку не започнеш некоја пракса, за што не секој има можност, не можеш да ги научиш основите на новинарството и тоа е сериозен проблем, смета тој.

„Јас започнав да работам без искуство и без знаење. Тука е тешко, додека да се влезе во шема, да ги запознаеш колегите и тие да те запознаат. Најголемиот проблем лично за мене беше што јас очекував, очигледно живеев во некој друг свет, обука и поддршка од самите уредници или поискусни новинари, меѓутоа не ја добив. Мора сам да се снаоѓаш и сите ние кои ја работиме оваа професија сме свесни за ова. Посебно тоа го почувствував кога почнав да работам на телевизија, а претходно работев во електронски и во печатен медиум. Тоа е многу голем минус бидејќи уште на факултет недостига пракса и тоа следи и понатаму. Мора да си снаодлив, сам ‘да купуваш’ знаење од колегите, а доколку го очекуваш – нема да го добиеш, барем тоа е моето искуство“, посочи Донев.

Ситуацијата се’ уште е иста и студентите на новинарство и понатаму немаат практична работа, рече Бојана Спасовска. Меѓутоа, оваа година се отвори мултимедијално студио на Правниот факултет во кое треба студентите да изработуваат медиумски продукти преку практична работа со новинари, па се очекува оваа ситуација да се промени.

„Мислам дека младите многу повеќе учат и бараат можности во неформалните работилници обуки каде навистина се стекнува знаење“, смета студентката.

Бојана Спасовска / Принтскрин од преносот на ПИНА

Неформалното новинарско образование и’ овозможило на Сара Танаскоска да учествува на многу обуки во и надвор од Македонија. Како што истакна таа, многу организации и’ помогнале да почне да се оформува како новинар и да соработува со повеќе медиуми, преку проекти поддржани од странски донатори.

„Во Македонија на некој начин е многу тешко да дојдеш до организација која сака да поддржи млади луѓе. Секогаш е потребна менторска поддршка. Со која организација и да сум работела сум ја добивала и тоа многу ми помогнало да се оформам како новинар. Недостатокот на пракса кој го имаме на факултет може да се надополни со ваквите програми како на ‘ПИНА’. Доколку има повеќе вакви програми ќе биде малку поквалитетно образованието“, нагласи младата новинарка.

„Доколку не се овие обуки воопшто нема да бидеме едуцирани“, наведе Донев, додавајќи дека покрај образованието, важен проблем е финансискиот дел. „Нашата професија е дефицитарна, меѓудругото, и поради финансиите. Она што за мене е парадоксално е што пред 2-3 децении кога почнувале да работат повозрасните колеги платите биле доста високи. За жал, тоа сега не е така и многу млади луѓе кои ја сакале оваа професија се откажале токму поради тој дел. Нашата професија е страст и љубов, но со тоа не се плаќаат сметки и мислам дека тоа е исто така еден многу клучен момент. Покрај образованието и обуките, многу е важно да се подигне стандардот на новинарските плати и мислам дека тоа ќе биде мотивација плус да се врати професијата во колосек и да има интерес како што имало во минатото“, истакна новинарот.

Дополнително, според студентката Спасовска, медиумите треба многу да вложат во едукација доколку сакаат млад кадар, но потребно е и новинарската професија да им се доближи на младите уште пред факултет.

„Потребно е да функционираат повеќе новинарски клубови и да бидат поактивни, медиумите сами да се залагаат, да одат по училиштата и одржуваат работилници, обуки со цел да се им се доближи професијата на младите, нејзината важност и улогата која ја има во општеството. На тој начин многу млади би се инспирирале за новинарството“, наведе таа, додавајќи дека ваквите реални дискусии им помагаат на студентите по новинарство да се запознаат со предизвиците и проблемите кои ги носи оваа професија и ги подготвува кога ќе влезат во неа да си ги бараат правата.

Додека, Танаскоска смета дека проблемот со регулацијата на медиумите е голем и многу млади луѓе мислат дека секој во Македонија може да отвори медиум.

„Треба да им се долови (на младите) дека за да бидеш медиумски работник и новинар е потребно да си поткрепен со знаење и да имаш соодветно образование. Образованието е клучно, како и подигање на стандардот“, заклучи младата новинарка.

Модераторката на дискусијата поентираше дека новинарите се надеваат дека ќе дојдат некои поубави времиња за оваа професија, но се соочуваат со дезинформации, со недоверба во медиумите каде што поради одредени причини со текот на годините луѓето не веруваат и сметаат дека новинарите се можеби нечии платеници и работат за туѓи интереси. Всушност, рече Петровска, новинарите и новинарките се тука за луѓето, луѓето се нивната приказна и тие работат за нив.

Ангела Петкова