Демонстрантите и полицијата се судрија во главниот град Тбилиси на четвртиот ден од протестите, а има и знаци дека незадоволството се шири низ земјата поради одлуката на владата да ги замрзне преговорите за пристапување во Европската Унија, јавува Радио Слободна Европа.
Тензиите помеѓу владејачката партија Грузиски сон и нејзините противници кои ги обвинуваат дека води се поавторитарна, антизападна и проруска политика растат со месеци наназад.
Прозападната претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили повика на притисок врз Уставниот суд да ги поништи изборите одржани минатиот месец, на кои победи Грузискиот сон. И опозицијата и Зурабишвили тврдат дека изборите биле наместени.
Кризата се продлабочи по најавата во четвртокот дека владата ќе ги замрзне преговорите со ЕУ на четири години, при што илјадници проевропски демонстранти се соочија со полицијата опремена со солзавец и водени топови.
Демонстрантите повторно се собраа во Тбилиси синоќа на централната авенија Руставели, палејќи огномет насочен врз полицијата, која одговори со водени топови.
Истовремено, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја потврди отвореноста на Европската Унија кон Грузија и покрај загриженоста за отстапувањето на раководството на земјата од проевропските вредности.
Во изјава објавена синоќа на Х, Фон дер Лајен изрази жалење за одлуката на грузиската влада да отстапи од принципите на ЕУ, но дека „вратата на ЕУ останува отворена“ и дека „враќањето на Грузија на патот кон ЕУ е во рацете на грузиското раководство“.
Протестите се шират и надвор од Тбилиси. Грузиската новинска агенција Интерпрес објави дека демонстрантите го блокирале пристапниот пат до главното трговско пристаниште во земјата во црноморскиот град Поти. Грузиските медиуми јавуваат за протести во најмалку осум градови и населени места.
Официјалните претставници на ЕУ и САД се вознемирени од, како што велат, оттргнувањето на Грузија од прозападниот пат и враќањето во руската орбита. Владејачката партија вели дека дејствува за да го брани суверенитетот на земјата од надворешно мешање.
Истовремено, Русија внимателно го следи развојот на настаните. Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Русија Дмитриј Медведев, рече дека се случува обид за револуција и напиша на Телеграм дека Грузија „брзо се движи по украинскиот пат, во мрачна бездна. Обично таквите работи завршуваат многу лошо“.
Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе ги отфрли критиките од САД, кои ја осудија употребата на „прекумерна сила“ против демонстрантите.
Кобахидзе, исто така, ја отфрли најавата на Вашингтон од саботата за суспендирање на стратешкото партнерство со Грузија. Тој рече дека ова е „привремен настан“ и дека Грузија ќе разговара со новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп кога тој ќе ја преземе функцијата во јануари.
Претседателката Зурабишвили во саботата рече дека ќе одбие да се повлече кога нејзиниот мандат ќе заврши подоцна овој месец, тврдејќи дека новиот парламент е нелегитимен и нема овластување да го назначи нејзиниот наследник. Кобахидзе рече дека ја разбира нејзината „емоционална состојба“, но дека на 29 декември „ќе мора да ја напушти својата резиденција и да ја предаде оваа зграда на легитимно избраниот претседател“.