Првиот роман на македонската писателка Румена Бужаровска насловен „Тони“ ќе биде промовиран во среда (4 декември) во „Јавна соба“ во 20 часот.
Романот е во идание на Издавачки центар „ТРИ“, а ќе биде претставен преку разговор меѓу Бужаровска, писателот Петар Андоновски и поетесата и главна уредничка на „Медуза“ – Калиа Димитрова.
Тие ќе нè запознаат со книжевниот лик кој ќе сакате да го замразите – подгответе се за дисекција на болката и смеата!
„’Тони‘ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода“, велат од „ТРИ“.
Од „ТРИ“ посочуваат дека „Тони“ е роман напишан на жив, остар и современ јазик во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, која стекна голема популарност со своите раскази и со романизираните есеи „Господ, па Америка“.