Новинарската фела прави нов етички Кодекс на новинарите

Дигитализацијата, новите медиумски трендови и растот на вештачката интелигенција се дел од причините зошто новинарската заедница се пушти во процес да прави нов Кодекс на новинари, откако стариот e во сила уште од 2001, поточно од пред 23 години. Оттогаш до денеска не е променет, па е нужно да се размислува за ревидирање на етичките принципи, со што би се зајакнувал кредибилитетот, но и одговорноста на новинарите.

Иницијативата за нов Кодекс доаѓа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое заедно со партнерските организации Македонски институт за медиуми (МИМ) и Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) започнаа низа средби со фелата.

Фото: ЗНМ

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, за Радио МОФ објаснува дека иницијативата е во три етапи. Првата да има широки консултации – на локално и централно ниво. На локално, пред се’, ЗНМ ги прави преку своите шест регионални центри од големите градови.

„На нив учествуваат новинари, пред се’ од локалната заедница, бидејќи ни се важни нивните ставови поврзани со теми од локален карактер. Воедно, се случуваат и состаноци со јавниот сервис, онлајн медиумите, радијата итн. Целта е, кога ќе се направат овие 12 консултации, во кои се очекува да се вклучат најмалку 250 медиумски работници – да имаме некакви насоки и заклучоци. Истовремено, процесот вклучува и национална анкета преку регистарот на членови на ЗНМ, каде секој може да даде свој придонес“, објаснува Секуловски.

Според него, се отвораат прашања како и колку може да се делува за случувањата во онлајн сферата, за новитетите со дигитализацијата, од аспект на информирање на граѓаните. Исто така со вештачката интелигенција, а притоа ги споменува и претставките поврзани со подкасти и инфлуенсери, кои вели дека некаде се презентираат како новинари.

„Сегашниот Кодекс малку ги лимитира саморегулаторните тела да имаат одлучувачка одлука кога станува збор за ваков вид претставки. Истовремено, во другите земји, пример во Србија, веќе во напредна фаза е новиот Кодекс на етика на новинари. Со колегите што разговаравме од Србија, тие се поттикнати токму од истиве работи“, посочува Секуловски.

Фото: МИМ

Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), објаснува дека за процесот за подобрување на етичките стандарди, за да одговараат на динамиката на современото новинарство, а паралелно да се зајакнува и довербата на јавноста во медиумите, МИМ изработила анализа за етичките прашања на глобално ниво.

Преку поврзување на локалните специфики и глобалните трендови во оваа сфера, вели таа, биле формулирани насоки за ревизија на етичката рамка, односно Кодексот на новинарите.

„Накусо, препораките се однесуваат на следните шест клучни области: Справување со дезинформациите, дискриминацијата и говорот на омраза, намалување на медиумската поларизација и притисоците врз медиумите, инклузивното известување и заштитата на ранливите групи, справување со предизвиците поттикнати од новите технлогии и вештачката интелигенција, транспарентноста во рекламирањето и спонзорствата и етичката употреба на кориснички генерираната содржина во новинарските содржини. Веруваме дека финалниот продукт-ревидиран кодекс на новинарите, и неговата примена од редакциите, ќе го зајакне кредибилитетот на медиумите, јавната доверба во нив и нивната улога како чувари на демократијата и човековите права“, потенцира Петковска од МИМ, која е дел и од работната група што работи на Кодексот.

Освен компаративната анализа за етичките стандарди низ светот, за потребите на Кодексот е изработена и анализа за тоа каде најмногу се прекршуваат домашните етички принципи, врз основа на претставките на саморегулаторните тела.

Ако се погледне последниот извештај на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), најпроблематични се онлајн медиумите. Ланската 2023 година, дури 110 од вкупно 132 жалби се однесувале токму на интернет порталите, а потоа 10 на веб-страниците на телевизиите, шест на самите телевизии и најмалку жалби за печатениците медиуми (2).

Како најмногу прекршуван е членот 1 од постоечкиот Кодекс, на кој се засновале 37,35% од жалбите. Тој се однесува на „неточни и непроверени информации, немање ‘втора страна’ и отсуство на најмалку два меѓусебни неповрзани извори“.

„Фактот што стигнуваат најмногу жалби за порталите, не мора да значи дека тие не кореспондираат со Кодексот, туку може да се толкува и како делување на голем, огромен број портали за една мала читателска средина како нашатa. Воедно, некои од порталите да не се придржуваат до правилата за одговорно новинарство, или едноставно не ги знаат. Односно, како што викаме да се ‘intruders’ (натрапници) во професијата“, вели Билјана Георгиевска, директорка на СЕММ.

И таа посочува дека иницијативата за промена на Кодексот доаѓа откако вакви слични ажурирања или комплетно нови етички правилници се имаат случено во повеќе европски земји, главно заради дигиталниот развој, начинот на кој работат новите медиуми и вештачката интелигенција (ВИ).

„Исто, заради политичките влијанија, бизнис влијанијата, кои не се ништо ново, но не е на одмет да се прецизираат можеби уште појасно правилата на игра“, забележува Георгиевска.

Досега како предлог е под секој новинарски текст да стои доколку тој е изменет и кога е изменет. Во однос на ВИ, ако текстот или дел од текстот биде напишан со ВИ – тоа да биде означено. Ако има слика или видео со вештачка интелигенција – тоа да биде означено. 

„Некои многу често бараат бекраунд од ‘Гугл’ и тоа не го сметаат за вештачка интелигенција, а всушност е вештачка интелигенција, практично си го препишал, не си го смислил сам. Тоа важи и за ‘ChatGPT’. Сега можеби постојат цели такви текстови, или две-третини. Исто така, вештачката интелигенција не можеме да тврдиме дека е 100% точна, па затоа треба да биде означен текстот (дека е правен со ВИ)“, вели Георгиевска, додавајќи дека правилата за точност, одговорност и отчетност се исти, без разлика на изворот на информација.

„Така мораме да се однесуваме и кон вештачката интелигенција. Ти може да земеш нешто, ама пак треба да го провериш 3-4 пати. Постојат повеќе дилеми, не можеме да кажеме ‘ова или она’ е правилно. Но, убаво е да се осовремени нашиот правилник со кој работиме сите новинари“, потенцира Георгиевска.

Фото: БИРН

За новинарот Васко Маглешов од БИРН, искуството покажало дека постојниот етички Кодекс на ЗНМ, го издржал тестот на времето и антиципира голем дел од прашањата што се појавиле со промената на медиумската сфера.

„Клучните постулати во кодексот нема да се променат. Сепак, повеќе од потребно е да се адресираат и нови прашања за кои во постојниот кодекс нема одредби. На состаноците кои се инклузивни, со вклучување на сите новинари – членови на еснафските здруженија и претставници на медиумите досега се разговараше за неколку теми. Заклучокот е дека е потребно зајакнување на насоките за проверка на информациите и претставување на повеќе страни во известувањето, со цел намалување на пристрасноста, јасно дефинирање на поимот ‘јавен интерес’ и заштита на приватноста, што би им помогнало на новинарите при справувањето со етичките дилеми“, посочува тој.

Неопходно е и да се донесат насоки околу известувањето на медиумите поврзано со модерирањето на коментарите на социјалните мрежи, вели тој, особено што таму се шири говор на омраза, или дискриминација.

„Медиумот во никој случај не смее да биде дисеминатор на таквите пораки“, потенцира Маглешов, кој исто е дел од работната група за Кодексот.

Инаку, иницијативата на ЗНМ и партнерските организации е поддржана од УСАИД и ИРЕКС. Она што следи во 2025 година, по консултациите и собраните сугестии од новинарската фела низ Македонија, заедно со анкетите и направените анализи – e изработката на самиот концепт за eтичкиот Kодекс. Дел од размислувањата се тој да биде краток, со 10-15 членови, за да не се обременува целиот текст и Кодексот да биде пристапен и за генералната јавност. Паралелно фелата размислува и за креирање дополнителни помошни-правилници, било тоа да се поврзани со избори, пандемии, маргинализирани групи… Односно, подетални упатства како да се известува за конкретни области.

Втората фаза е популаризација на самиот Кодекс, не само пред медиумите и новинарите, туку и пред граѓаните, ако се знае дека тие можат да се обраќаат и упатуваат претставки до саморегулаторните тела на ЗНМ и СЕММ. Со сето ова би кренала општата свест, како медиумите поетички и поодговорно да известуваат, а би се дигнал и квалитетот на медиумските содржини.

Бојан Шашевски