Упад во системот на електронскиот дневник, кој се случил викендов, беше причина надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да побараат сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да ги променат лозинките за да можат да се најават во системот, пишува новинската агенција Мета.
Како што дознава Мета, ученици во училиштето „Коле Неделковски“ во Велес, искористиле ситуација на веќе вклучена професорска е-сметка, па пишувале недолични коментари во е-дневникот, поправале оценки, бришеле евидентирани часови. Дека се случил упад во системот и дека биле менувани податоци, потврди и директорката Весна Стојанова Богоевска, која сепак, не верува дека ова се случило за време на настава со оглед на тоа дека промени во системот биле внесувани во сабота, кога училиштата не работат.
„Колешка наша кога сакала викендов да заведе часови за оваа недела, забележала несоодветни коментари и избришани часови. Веднаш го пријави случајот, а ние како училиште пријавивме во МОН. Оттаму ни беа дадени насоки да смениме лозинки, апостапката за нечија одговорност ја препуштивме на надлежните. Не знаеме кој го сторил ова бидејќи кај нас професорите имаат службени лаптопи и тие на секој одмор се заклучени во кабинетите. Не верувам дека ова се случило додека траела наставата“, вели Стојанова Богоевска за Мета.
По овој случај, МОН побара од сите корисници на електронскиот дневник да ги променат лозинките за да можат да влезат во дневникот и да се видат оценките и поведението. Оттаму велат дека комплексноста на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите.
„За сите случаи што се пријавени како напади на системи (со оглед на тоа што МОН води повеќе системи поврзани со остварување на воспитно – образовниот процес и на права во областа на образованието и науката), се испраќа барање за стручна проверка од страна на соодветни лица лица од МВР. Во врска со користењето на системите и нивна безбедност, секогаш се применуваат светските пракси. Параметрите за комплексност на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите и оттука произлегуваат и нашите препораки до сите корисници на електронскиот дневник. Пристапот и чувањето на лозинката е одговорност на самиот корисник и таа особено треба да биде висока кога се работи за системи што содржат лични податоци“, велат во МОН.
Иако беше најавено дека ќе има нов електронски дневник, корисниците го користат стариот систем. Новиот требаше да ги надмине проблемите кои се појавуваа во минатото, како на пример, паѓањето на системот посебно пред почеток на зимски или на летен распуст, кога поради преоптовареност, наставниците тешко пристапуваа во е-дневникот за да внесат оцени. Се случуваше наставник да внесе повеќе оценки а системот да му регистрира само една, потоа, се случуваше да го исфрли од систем па да мора повторно да се логира, а имаа и потешкотии во подготовката извештаи за успех и поведение.