„Транспаренси Интернешнл“: „Бистри“ и „матни“ случаи на Барометарот на корупција за ноември 2024

Во Барометарот на корупција за месец ноември наречен „Бистро-Матно“, организацијата „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ како „бистри“ настани ги наведува пријавата против судијката Цветанка Никодиновска за недолично однесување кон новинарите и медиумските работници, кривичната пријава за несовесно работење во службата и отказ за 15 високи службеници во Министерството за внатерни работи (МВР) и кривичната пријава поднесена против вработен во Национални шуми за примање мито.

Додека, за „матни“ настани во Барометарот на корупција месецов се посочени одлуката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) дека незаконски се назначени 4 нови членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, барањето на ДКСК за дисциплинска постапка за член на Судскиот совет кој барал одговорност за врховни судии за предмет во кој адвокат била неговата сестра, одлуката донесена на затворена седница во Судскиот совет за постапката за утврдување на одговорност на судијата Пајазит Пајазити, како и кривичната пријава поднесена против градежна инспекторка која, како што велат, примила поткуп за да не издава пријава за нелегален објект.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изминатиот месец поднесе пријава до Основниот кривичен суд Скопје и до Здружението на судии за недолично однесување на судијката Цветанка Никодиновска од битолскиот суд, за која велат дека им ги одзела телефоните и камерите на новинарите и медиумските работници.

„Судијката Никодиновска, не им дозволи на новинарите од САКАМДАКАЖАМ.МК и ТВ Телма да снимаат и фотографираат на судењето против претседателот нa бугарскиот клуб во Основниот суд во Битола кои иако за тоа имаа добиено одобрение од Врховниот суд. Пред судницата, вработено лице од новинарите побара телефоните да им ги предадат на припадник на судската полиција, а камерманот да ја остави камерата на портирница. На новинарите им беше дозволено всушност како граѓани да присуствуваат на рочиштето, иако во записникот беа заведени како новинари“, објаснуваат од организацијата.

Минатиот месец, исто така, беше поднесена и кривичната пријава за несовесно работење во службата и отказ за 15 високи службеници во МВР кои, како што велат, во периодот од 2021 до 2024 година несовесно постапиле во вршење на своите должности и овластувања на начин што при постапување по барањата за издавање на одобрение за набавка на оружје дале позитивно мислење на предлогот доставен до Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобренија за набавување оружје, спротивно на одредбите од Законот за оружје.

Кривична пријава е поднесена и против вработен во Национални шуми за примање мито. Од СВР Струмица се сомневаат дека во текот на последните шест години обвинетиот континуирано барал и примал парични надоместоци од жител на струмичко село, кој сакал да добие дозвола за сеча на дрва.

„Референтот по добивањето на поткуп, контактирал лице што издавало дозволи за сеча на дрва на планината Огражден и барал да ја издаде дозволата за сеча на дрвата. На 6 ноември 2024, при прием на паричен надомест, тој бил лишен од слобода од полициски службеници. Претреси биле извршени во неговиот дом и во домовите на уште две други лица, при што биле пронајдени предмети за кои се смета дека се поврзани со делата. По апсењето, судија од Основен суд Струмица му определи 30 дневен притвор“, велат од „Транспаренси Интернешнл“.

Меѓувремено, одлуката на ДКСК дека незаконски се назначени 4 нови членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители е истакната како „матен“ коруптивен настан.

„Судскиот совет и Советот на јавни обвинители номинираа членови на советите кои доаѓаат од судската и обвинителската фела, но според ДКСК тоа е спротивно на Законот за спречување корупција и Законот за академијата затоа што требало да назначат активни судии и обвинители. Недозволената кумулација на моќ е потенцијален судир на интереси, сметаат антикорупционерите кои ќе побараат од двата совета да ги стават вон сила одлуките со кои членовите на Судски совет Антоанета Димовска и Хаиф Зендели и претседателката на обвинителскиот совет Душица Димитриеска, се номинирани за нови членови на Управниот одбор на Академијата“, објаснето е во Барометарот.

Исто така, „Транспаренси Интернешнл“ за „матен“ настан од минатиот месец го смета и барањето на ДКСК за дисциплинска постапка за член на Судсткиот совет кој барал одговорност за врховни судии за предмет во кој адвокат била неговата сестра. Оттаму велат дека ДКСК констатира дека, пошироко гледано, игнорирањето на судири на интереси на членовите на Судскиот совет, кои всушност вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата, создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките каде членовите на Судскиот совет имаат блиски лица.

„Со тоа на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт, која треба да ја гарантира токму Судскиот совет. Според ДКСК, членот на Судскиот совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, за што Комисијата ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог“, додаваат тие.

ДКСК иницира постапка и против поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која, како што констатира Комисијата, користела службени средства за приватни цели при нејзиното службено патување во Велика Британија во периодот од 24 до 27 октомври минатата година. Комисијата отвори предмет за случајот во август годинава. Ова, исто така, е наведено како „матен“ настан за месец ноември.

Дополнително, за „матен“ настан се смета и одлуката донесена на затворена седница во Судскиот совет за постапката за утврдување на одговорност на судијата Пајазит Пајазити, иницијатива која се однесува на постапувањето на судијата за притворот на поранешниот војник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), државјанин на Косово, Блерим Рамадани.

„Првата иницијатива за утврдување одговорност кај судијата Пајазити беше отфрлена од советот поради немање доволно докази. Одлуката е донесена на затворена седница и без присуство на новинари“, истакнуваат тие.

Во овие „матни“ настани организацијата ја додава и градежната инспекторка која, како што велат, на 1 ноември во ресторан во Куманово примила поткуп за да не издава пријава за нелегален објект. Кумановското јавно обвинителство поднесе кривична пријава.

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на држвата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина“, велат од „Транспаренси Интернешнл“ за редовната месечна активност „Бистро-Матно“.