Насмеани луѓе, прекрасни улици и зеленила, нацртало дете на работилница на Кампот за лицата од Украина, кој Црвениот крст на Град Скопје го одржува во изминатите три години. Кога младата волонтерката Матеа Тунева го прашала што црта, тоа одговорило „Скопје“.
„Во тој момент – се стаписав, знаејќи дека детето не може во својата земја да ги гледа прекрасните пејзажи, насмеаните луѓе… И јас сум дел од неговиот моментален мир и спокој, а тоа ми направи да се чувствувам прекрасно за работите кои ги правам. Од тој ист камп, донесов и примерок срце сплетено од мајка на едно од децата, во боите на знамето на Украина“, раскажа Тунева на денешниот повеќегенерациски собир на волонтерите на Црвениот крст кој се одржа по повод 5 декември – Светскиот ден на волонтерството.
Според неа, живееме во општество каде еколошките, социјалните и хуманитарните проблеми се актуелни и чести, а всушност решението лежи во младите.
„Бидејќи сме свесни дека можеме да придонесеме за подобро утре се вклучуваме во хуманитарни организации како што е Црвениот крст. Не’ има во доста голем број, но секогаш има простор за уште повеќе нови волонтери“, поентира младата волонтерка.
Додека пак, волонтерката и пензионерка Јулијана Масларкова го сподели најсвежиот спомен од волонтирањето на Чи Конг вежбите (кинеска практика која преку движењето и дишењето овозможува рамнотежа помеѓу духот и телото) во Дневниот центар за стари лица, каде оди да праведува од англиски на македонски јазик. Кога предавачот стигнал до термините „меридијани“ и „мудра“ – таа не знаела да ги објасни.
„Ми објасни дека под меридијани не мисли на географскиот термин, туку медицинската проблематика, дека меридијани имаме во телото каде се движи енергијата. А, мудра, ми објасни дека во центарот на дланката имаме еден од центрите за енергија. Тоа е терминологија од источната медицина, во овој случај кинеската. Прстите функционираат како струјно коло, а мудрите се тие кои придонесуваат, ја насочуваат енергијата која не’ движи да ја собереме и да ја споделиме. Сите ние волонтерите ја имаме и ја пружиме на сите на кои им е потребно, безрезервно“, појасни Масларкова.
Како што рече, таа се’ уште не може да се привикне на терминот волонтирање, затоа што тоа го работи секојдневно, секогаш кога може. За време на нејзиниот работен век, не можела да биде толку присутна, но откако е во пензија си го посветува слободното време на волонтерските активности кои многу ги сака.
„За разлика од помладите кои сега се поенергични, пофлексибилни, поприсутни на многу полиња, ние постарите имаме многу слободно време. Но, тоа не значи дека сме го изгубиле тој ентузијазам што сме го имале – го имаме и сега. Благодарение на слободното време, сега можеме да сме поприсутни, да дадаваме примери на помладите и постепено да ги вклучуме во соодветните активности кои се во Црвениот крст“, заклучи волонтерката.
Иако 72% од волонтерите на Црвениот крст се жени, како што посочи модераторката на настанот, постојат и многу мажи кои своето слободно време го користат за помагање на другите. Златко Георгиевски по 30 годишната кариера во Министерството за внатрешни работи (МВР) се пензионирал и се вратил помеѓу волонтерите на Црвениот крст.
„Интересот и мотивацијата водат од минатото, од некои активности кои МВР ги имаше со Црвениот крст. Пред неколку години бев обучен за дисеминатор, а сега сум активен едукатор и предавач од одредени области. Конкретно овој месец беше Месец за борба од болести на зависност и имавме активности по училиштата, презентации кои се’ уште траат во гимназиите на Скопје“, раскажа Георгиевски.
Како што посочи, гордост и привилегија е да се биде волонтер во меѓународно светско движење чие обележје е хуманоста и емпатијата. Одредени луѓе на планетата секојдневно имаат потреба од нечија помош, без разлика се тоа стари возрасни лица, лица со посебни потреби или лица од загрозена социјална состојба, нагласи тој.
„Во одреден момент се појавува таа потреба за помош на некого. Посебно ми е драго да кажам дека сум десиминатор од неколку милионското семејство во светот кое активно и секојдневно во текот на целата година и на сите подрачја и континти дава помош. Љубовта, емпатијата и хуманоста се длабоко вкоренети чувства на човекот, и токму тие три не’ прават луѓе“, заклучи волонтерот.
Инаку, настанот започна со прошетка низ фотографии од волонтерите од општинските организации на Црвениот крст ширум Македонија како потсетник на многуте активности кои тие секојдневно ги спроведуваат. Како што беше кажано таму, овој ден се одбележува во целото движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина и има за цел да го промовира волонтерството и работата на волонтерите ширум светот. Акцентот на денешната средба беше на волонтерите кои припаѓаат на сите генерации, затоа што сите тие на свој посебен начин даваат придонес во реализацијата на универзалните принципи на ова движење.
„Овој ден, кој се одбележува во светот од 1985 година под покровителство на Обединетите Нации, им даваме признание на волонтерите ширум светот за нивниот придонес, значење и улога во зајакнување на нашите заедници. Но, исто така, го промовираме волонтерството и ги повикуваме надлежните институции да ги поддржат напорите на волонтерските организации“, забележа Ромел Велев, претседателот на Црвениот крст на Македонија.
Тој потсети на почетоците на Црвениот крст и Црвената полумесечина, кога Анри Динан глобално организирал волонтери за да им помогне на ранетите на бојното поле, без разлика од која страна се. Денеска, како што посочи, над 16 милиони волонтери во светот секоја година се активно вклучени во активностите на организацијата. Всушност, на секои 1000 луѓе во светот, 2 се волонтери на Црвениот крст. Додека, во изминатите години во Македонија во просек меѓу 4000-5000 волонтери активно се вклучени во програмите на организацијата, наведе Велев.
Годинава, празникот на волонтерите се одбележа под мотото „Заштита на хуманоста“. Па така, претседателката на млади на Црвениот крст на Македонија Александра Сандева, заедно со 7 волонтери симболично ја прими благодарницата во име на сите волонтери во оваа организација. Младите го направија тоа изговарајќи „Во име на хуманоста“ на 7 различни јазици.
Атмосферата на настанот ја дополнија Никола Георгиев и Антонио Трајковски со изведба на тамбура и кавал.
Ангела Петкова