Отворањето на изложбата „Сублимација на светлината и сенката“ на уметничка фотографија на Емилија Трајковска ќе се случи на 14 декември, сабота, со почеток во 19 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола.
„Позната по своите црно-бели фотографии, Емилија Трајковска е фотографка која не само што го овековечува моментот, туку и го трансформира во една визуелна нарација. Специјализирана во црно-белата фотографија, нејзиниот објектив најчесто ги ‘заробува’ емоциите на музичката сцена. Нејзина специјалност се фотографиите од бендови, уловени во живо, каде што енергијата на изведбата се пренесува низ играта на светлината и сенките. Таа е раскажувач кој преку своите дела ја документира трансформацијата на музичката сцена. Низ нејзините дела, сцената станува канвас, светлината – боја, а музичарите – субјекти на едно подлабоко, емотивно истражување“, истакнува Илија Талев за изложбата на Трајковска.
Како што вели тој, црно-белото е јазик на минимализам што овозможува максимална експресивност, а нејзината црно-бела фотографија е повеќе од отсуство на боја, тоа е алатка која и помага да се фокусира на суштината – емоцијата и структурата.
„Преку експресијата на лицата и интимните моменти меѓу музичарите и публиката, создава динамични композиции каде што секоја сенка и светлосен зрак без зборови раскажуваат за еуфоријата на концертот, екстатичните извици на публиката и за страста и ранливоста на музичарите“, додава Талев.
Настанот се одржува во рамки на проектот Урбана Агенда на МКЦ-Битола финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.