Драмски театар Скопје објави јавен повик за „Недела на претстави од независната продукција“

Драмски театар Скопје ја продолжува традицијата на поддршка на уметниците од независната сцена. Преку јавен повик, театарот ги повикува уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Јавниот повик е отворен заклучно со 30 декември 2024 година.

Неделата на претстави од независната продукција ќе се одржи од 14 до 18 јануари 2025 година.

„По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената ‘Ристо Стефановски’ и ‘Малата сцена’ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање  на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти“, соопштуваат од Драмски.

Со поддршката на независната сцена, велат од таму, Драмски театар иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници.

„’Неделата на претстави од независнта продукција’ е замислена како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти“, објаснуваат од Драмски.

Оттаму објаснуваат дека публиката на Драмски театар од 14 до 18 јануари 2025 година ја има можноста да проследи и поддржи неколку представи од поновата продукција на независната сцена кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар на Драмски.