Општините и министерствата исплаќаат два милиони евра годишно за адвокатски услуги, покажа новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кои истовремено објавија и база на отворени податоци за нивните исплати за овие услуги.
Истражувањето покажува дека општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати, имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки.
Меѓу одговорите од општините, како што посочуваат од ЦГК има најразлични објаснувања за начинот на избор на адвокат и тоа „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“, „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“, „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“, „Со непосредна спогодба“, „По слободен избор“, „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокати“.
Наводите од истражувањето покажуваат дека само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари, односно 1.1 милион евра за исплати на адвокати, a Министерствата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.
„Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-тина проценти од исплатените 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи. Од општините, адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локална самоуправа. Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат“, се посочува во наодите на ЦГК.
Од министерствата пак, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Истражувањето покажа дека од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
Поединечно најмногу пари, според истражувањето му се исплатени на адвокатот Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година.
Целото истражување на ЦГК е достапно на следниов ЛИНК.