#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Христијан Бристиќ

Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ѕиркаме во фото-апаратот на Христијан Бристиќ. Тој има 25 години и неодамна завршил академија за UX / UI дизајн, која, како што ни открива, на некој начин му помогнала да се усоврши во пределот на фотографијата.

„Уште од мојата 16-та година започнав да навлегувам во светот на фотографија, а желбата да фотографирам музички настани ја добив на настап на ‘Funk Shui’ пред некоја година. Главно фотографирам концерти со фокус на поединечни портрети. Мојата цел е да создадам фотографии кои зборуваат и кои искажуваат емоции, па преку сликите се трудам да ги истакнам и атмосферата да биде повторно доловена. Зошто баш концерти? Да се слика во ‘low-light’ и да се фати вистинскиот момент е предизвик во кој што уживам и ме исполнува. Мојата цел е да создадам фотографии кои зборуваат и искажуваат емоции“, вели тој за Радио МОФ.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.