Граѓанскиот отпор го реши чадењето на депонијата, но кочанци и понатаму дишат загаден воздух

Аерозагадување во Кочани

  • Бројката на заболени лица од респираторни болести, од 2020 година до средината на 2023 година, постојано расте. Во 2020 година биле регистрирани 8.281 пациент заболени со респираторни болести од 20 до 75 години. Оваа бројка се намалила во следната 2021 година, на 7.891 пациент, за повторно да порасне во 2022 година, кога имало 9.555 заболени пациенти. Значителен пораст се бележи и во 2023 година, односно 12.434 пациенти се регистрирани со респираторни болести. Само до средината на оваа година, односно до 30 јуни, проблеми со респираторниот систем се појавиле кај 6.357 пациенти.

Кочанци, во одредени денови и периоди во месецот дишат воздух со полни гради, го нема повеќе темниот облак што доаѓаше од депонијата кај селото Бели и надвиснуваше над нивните домови, но за да има чист воздух, мораше да се случи граѓанскиот отпор и 18 дневни барикади кон депонијата, која е оддалечена 3,5 километри од градот. Над 5.000 граѓани и екоактивисти, деноноќно, од 28 октомври годинава не дозволуваа возилата на четирите комунални претпријатија од Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и од Зрновци да го депонираат отпадот на депонијата, која од март 2024 година доби статус на регионална депонија, се вели во групната сторија на Здружението на новинари на Македонија.

Истражувањата на експертите, сепак, покажуваат дека жителите на Кочани, со години, дишат токсичен воздух, бидејќи имаат три големи загадувачи. Најголемите фактори што влијаат врз квалитетот на воздухот се: палењето на стрништата, загадувањето на домаќинствата, индустријата и сообраќајот, објаснува метеорологот Глигор Тодоров.

Граѓанскиот отпор, во изминатите четири години, донесе решавање со загадувањето на воздухот, од оџакот на фабриката за хартија „Пејпер мил“ и со чадењето на депонијата кај селото Бели, но Кочани и понатаму останува град со загаден воздух. Мерната станица на „Air quality“, и на 25 ноември покажува зголемени вредности на ПМ 2,5 честичките, а на 9 ноември, станиците покажаа четирикратно повисоки концентрации на штетни честички, со што Кочани, тој ден беше најзагаден град во Република Северна Македонија.

Шест мерни станици го мерат аерозагадувањето во Кочани

Во Кочани, до пред некоја година, имаше само една мерна станица, која е под ингеренции на Министерството за животна средина и просторно планирање, но оваа мерна станица не е во функција. Љубица Спанчевска, советник за животна средина во Општина Кочани, вели дека во моментов имаат вкупно шест мерни станици, во кои вложила и општината, а добиле и донации. Таа посочува дека поради тоа што немале никакви податоци за квалитетот на воздухот, минатата година поставиле една мерна станица на општинската зграда во Кочани и имаат донација од дополнителни пет мерни станици, кои се поставени на различни точки во градот, како што се градинки, средни и основни училишта, на зградите на комуналното претпријатие „Водовод“ и АСНОМ.

Мерна станица на зградата на Општина Кочани (автор на фотографијата, Викторија Јованова)

Но, ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, Дејан Мираковски, за станицата што е поставена на општинската зграда, смета дека не е поставена на соодветно место за да даде веродостојни резултати.

– Од локацијата на станицата и од сликата се гледа дека не е добро лоцирана станицата и резултатите е прашање колку можат да бидат меродавни за градот, бидејќи е залепена за ѕид. Опремата е релативно ниско поставена така што резултатите се навистина дискутабилни, вели Мираковски.

Недостигот од сензори за мерење на квалитетот на воздухот може да значи само едно, дека надлежните институции немаат волја да ги лоцираат главните загадувачи, а со тоа немаат волја и за изработка на план и стратегија за решавање на проблемот со загадениот воздух, изјави метеорологот Глигор Тодоров.

Тој забележува дека сензорите мора да се постават на повеќе соодветни локации, за да може да се обезбеди непречен мониторинг, а со тоа и детекција на проблемите и загадувачите.

Загадениот воздух влијае врз здравјето на луѓето

Загадениот воздух, граѓаните го чувствуваат на своето здравје, а тоа го потврдуваат и бројките на Центарот за јавно здравје Кочани. Бројката на заболени лица од респираторни болести, од 2020 година до средината на 2023 година постојано расте. Во 2020 година биле регистрирани 8.281 пациент заболени со респираторни болести од 20 до 75 години. Оваа бројка се намалила во следната 2021 година на 7.891 пациент, за повторно да порасне во 2022 година, кога имало 9.555 заболени пациенти. Значителен пораст се бележи и во 2023 година, односно регистрирани се 12.434 пациенти со респираторни болести. Само до средината на оваа година, односно до 30 јуни, проблеми со респираторниот систем се појавиле кај 6.357 пациенти.

И не само повозрасните граѓани, загадениот воздух, на своја кожа го чувствуваат и децата. Ако во 2020 година, според информациите на кочанскиот Центар за јавно здравје, имало 2.948 заболени деца, во 2023 година, оваа бројка пораснала на 6.211 деца, од 0 до 6 години. Само за шест месеци, од 2024 година има регистрирано 5.496 деца од 0 до 19 година што имаат заболувања на респираторниот систем. Марија Постоловска-Грижов, докторка од Центарот за јавно здравје-Кочани, вели дека нивните анализи покажуваат и дека во претходната година, за само 12 дена во периодот од 1 јули до 12 јули, имало осум пријави за малигни неоплазми на респираторните органи.

Граѓанскиот отпор донесе чист воздух

Протест и блокада кон депонијата во Кочани (автор на фотографијата: Александра Ристевска)

Граѓанскиот протест и блокада на патот кон депонијата, познати и како „Депонијада“, на 13 ноември, и официјално, правно формално, преку донесување одлука доби поддршка од локалните институции.

Совет на Општина Кочани (автор на фотографијата: Лаура Стојанова)

Едногласната одлука и граѓанските протести се саморефлексија на лошото менаџирање со депонијата, смета и екоактивистот од Кочани, Зоран Тодоров. Негово мислење е дека со протестите се измести и фокусот. Акцентот се стави на проблемот со туѓиот отпад, а не на тоа како правилно да се третира веќе постоечкото.

– Финалното решение е со правење регионална депонија, која е веќе зацртана во Свети Николе, каде што ѓубрето ќе се третира на еден европски начин, со што наместо проблем, ќе го претвори во енергенс. Доколку го прекинеме главниот проект, тоа ќе биде на голема штета на цела источна Македонија, вели Тодоров.

Екоактивистката Благица Сабовлјевиќ-Стоименова посочи дека од барикадите на патот, битката сега ќе ја водат институционално.

Решението е во изградба на регионална депонија

Решението за овој акутен проблем е во изградбата на Центарот за управување со отпад од источниот и од североисточниот регион на територијата на Општина Свети Николе, со грант-средства од ЕУ. Системот за управување со отпад ќе се состои од централен објект, кој ќе се гради кај месноста Мечкуевци-Арбашанци во Овче Поле, со технолошка линија за секундарно селектирање на отпадот, механичко биолошко третирање отпад и една ќелија за депонирање на отпад со капацитет за прифаќање количество отпад за осум години, со вкупно инвестициски трошоци од околу осум милиони евра.

– Планирана е изградба на шест трансфер-станици, од кои три со поголем капацитет ќе бидат лоцирани во Куманово, Виница и во Штип и ќе бидат опремени со технолошка линија за компактирање на отпадот и три помали трансфер-станици, кои ќе бидат лоцирани во Берово, Македонска Каменица и во Ранковце и кои ќе имаат опрема – контејнери за пренесување на отпадот со вкупно инвестициски трошоци од 17.482.481 евро. Надзорот на градежните работи за изградба на регионалниот систем за управување со отпад во источниот и во североисточниот регион ќе биде со инвестициски трошоци од вкупно 1.021.594 евра. За набавката на опремата за јавните комунални претпријатија (камиони за отпад и контејнери) се издвоени 10,6 милиони евра, истакна Ана Каранфилова, раководителка на секторот за управување со отпад, Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Согласно решението на МЖСПП за издавање согласност за спроведување на проектот „Воспоставување систем за интегрирано управување со отпад во источниот и во североисточниот регион“, во двата региони, годишно се продуцираат околу 112.000 тони отпад. На регионалната депонија треба да заврши околу 20 проценти од ова количество, а остатокот да се рециклира или да се реупотреби.

За намалување на штетните влијанија врз животната средина, инвеститорот се задолжува да ги исполни позитивните законски прописи. За заштита на почвата и подземните води, предвидено е коритото на депонијата да биде обложено со вештачка глина на база на натриум, со дебелина од еден метар. Понатаму, со геомембрана со рапава површина (со боцки), со голема густина, произведена со процес на екстрадирање, од нерециклиран материјал и отпорна на хемикалии. Потоа се нанесува непропустливиот геотекстил и дренажниот слој за собирање на исцедокот од отпадот. Сите користени материјали треба да бидат атестирани во независна акредитирана лабораторија.

За затворање на непрописните депонии, од проектот се издвоени средства во висина од 9,2 милиони евра. Тендерот, кој се чекаше да биде објавен околу две години, конечно е распишан на 18 октомври 2024 година, јавно ќе биде објавен на 25 февруари 2025 година, а предвидениот рок за градба е 915 денови или две и пол години.

Новинари: Викторија Димитрова-Јованова, Александра Ристевска, Лаура Стојанова и Трајан Ристовски

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Унапредување на еколошката правда во Северна Македонија“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е поддржан од Глобалната програма на УНДП за зајакнување на владеењето на правото, човековите права, правдата и безбедноста за одржлив мир и развој. Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП.